Делегација на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска положи цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот, што го погоди Скопје во 1963 година.
Поминаа 58 години од катастрофалниот земјотрес на 26 јули кој однесе 1 070 човечки животи, дополнително беа повредени најмалку три илјади лица, а околу 200 илјади скопјани останаа без своите домови.
-Денот на сеќавањето на скопскиот земјотрес е и ден кога им изразуваме благодарност на сите кои со љубов и солидарност учествуваа во споделувањето на болката со преживеаните и што учествуваа во обновата на градот. Скопје стана град на солидарноста, место на кое се обединија пораките и молитвите за поддршка и за споделување на болката, за загубата, се наведува во соопштението на Владата.
Почит кон загинатите лица во земјотресот денеска оддадоа и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, делегации од Собранието и Канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.