Драмската програма на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашната театарска претстава „Која ја уби Џенис Џоплин“ во изведба на актерската екипа на Српското народно позориште од Нови Сад.
Режисерката на поставката на претставата, Сања Петровиќ, вели дека кога размислувала да направи претстава за пејачката која и била пример и инспирација во текот на тинејџерскиот период, секогаш ја доживувала како две личности.
-Несомнено нејзиното двојство е евидентно – нејзините два лика и нејзините две приказни. Едната е приказна за несигурна, нежна, неприфатена и незаштитена девојка, а другата е за храбра, агресивна основачка на нова листа на критериуми за жените. Едната поради која живеела, а другата поради која починала. Едната која одеше кон својот крај за другата да започне. Дури подоцна наидувам на податокот дека Џенис го добила името по богот Јанус. Се работи за римскиот Бог на крајот и почетокот. Обично е прикажан со две лица, едното гледа на почетокот, а другото на својот крај. Затоа, оваа претстава претставува омаж на една жена која дошла до својот крај за да се случи нов почеток. Ова шоу е омаж на музиката што повеќе не постои. Музика која нема формула за успех, туку емоција за споделување. Музика што не е математика, туку органска потреба. Сакам оваа претстава да инспирира и да им помогне на многумина да бидат тоа што се, а не она што се очекува од нив или им се наметнува како задолжително, вели таа.
Сања Петровиќ е дипломец на Академијата за уметности во Нови Сад, насока мултимедијална режија, а мастер студиите ги завршила на Факултетот за драмски уметности во Белград. Режирала претстави за деца, млади и возрасни како во независниот сектор, така и во институциите како што се: Народниот театар во Сомбор, Новосадскиот театар за млади, Градскиот театар Бечеј и Српско народно позориште. На Радио Белград, режирала неколку радио драми за деца и возрасни, а за делото „Ти си тој ангел“ (адаптација на романот „Мама Леоне“ од Миленко Јерговиќ), ја добила првата награда „Неда Деполо“.
Наградувана е на неколку важни фестивали во земјата и странство. Добитник е на годишната награда на Српското народно позориште за концептот и режијата на претставата „Кој ја уби Џенис Џоплин?“. Таа е директор на традиционалната манифестација на Фестивалот на еколошки театар за деца и млади во Бачка Паланка, за што ја добила Октомвриската награда во 2014 година. Член е на извршниот одбор на мрежата за развој на Театарот за деца и млади „АССИТЕЈ“ Србија и активно работи во водечката група за меѓународната едукативна програма „Следна генерација“. Во својата работа, најчесто се изразува преку музика, танц и модерни технологии, додека тематски го обработува детството, екологијата и прашањето за човековите права.
Улогите во претставата ги толкуваат Бојана Милановиќ, Соња Исаиловиќ, Стефан Вукиќ, Димитрије Аранџеловиќ, Вукашин Ранѓеловиќ, Петар Бањац, Филип Грубач и Игор Сакач.
Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 години. „Кој ја уби Џенис Џоплин“ ќе се игра на големата фестивалска сцена на „Долни Сарај“, со почеток од 21 часот.