Вакцинацијата не е задолжителна, но во исто време размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функцинира, да биде отворен, затоа е и всушност вакцината измислена, за да се врати животот во нормала.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со премиерот Зоран Заев извршија увид на реновираното крило на Клиниката за ортопедија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
-Ние бевме свесни дека во еден момент ќе се соочиме со антиваксинална кампања. Исто како што се соочивме пред две години кога беше актуелна пандемијата со морбили. Меѓутоа, тогаш како инструмент ја имавме на располагање вакцинацијата и веднаш интервениравме и се сузби епидемијата, за нецели шест месеци значајно се зголеми опфатот на вакцинација. Тогаш воведовме забрана децата да се примаат невакцинирани во градинки и во училишта, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
И тоа, како што рече, треба да е еден знак и показател што значи и какво моќно оружје е вакцината во борба против пандемијата.
Министерот Филипче информира дека ги следат трендовите насекаде во регионот и додаде дека некоја голема разлика во опфатот со вакцинација нема.
-И тука се сите земји. Кај нас близу 450.000 граѓани веќе се вакцинирани, од нив 270 илјади се ревакцинирни. Има разлика по градовите. Најголем опфат има во поголемите градовите, 30-тина отсто во Скопје, 40 отсто во Битола и во Охрид, во другите градови помалку. На пример во Куманово 30 отсто. Тоа е една детална табела што денеска ќе ја споделиме, рече Филипче.
Министерот Филипче најави дека ќе продолжат да го одржат системот со вакцинација вака активен како што е сега: сите пунктови за вакцинација да се отворени, граѓаните се пријавуваат без термин, никој да не се врати и нагласи дека вакцини има сосема доволно.
Тој соопшти дека теренската вакцинација ќе оди по систем на ротација. Тоа значи ако некое место е поминато, кога ќе се поминат сите други места околу тој здравствен дом, ќе се повтори циклусот.
-Отворени се вакциналните пунктови за деца. Околу 1 800 деца се пријавени, а околу 500 веќе се вакцинирани. Меѓутоа сето тоа не е процент што може да не заштити од нов бран. Граѓаните треба да се свесни дека ако не се вакцинираат има сериозно голема шанса да заболат од болест предизвикана од вирус кој многу веројатно ќе ги смести во болница и многу веројатно има голема шанса да имаат компликации. А го имаат овој механизам, инструмент да се вакцинираат и да се заштитат, нагласи Филипче.
Министерот за здравство информира дека сега е актуелен индискиот сој на вирусот, а во последната недела се детектирани уште пет случаи, од кои три во Скопје, по еден во Тетово и во Куманово, од вкупно осум анализирани. Додаде дека тој не е екслузивен, ги има и другите соеви.
-За сите соеви, за сите мутации на вирус, вакцината е единствениот спас и мора граѓаните да се свесни дека тоа е начинот на кој ние можеме да ставиме крај, нагласи Филипче. Информира дека во овој момент прават анализи колку се вакцинирани секторите. Во здравствениот сектор има прилично висок процент, над 85 отсто, од вработените во градинките над 50 отсто, или 54-55, и еднакво толку во основните и во средните училишта.
Најави дека сега ќе почне интезивна комуникација меѓу министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и директорите на институциите за повторно да разговараат со своите вработени и да ги упатат на вакцинација.
Прашан колку граѓани во земјава треба да се вакцинираат со две дози, Филипче рече дека тоа треба да биде прилично висок. Појасни дека со новите агресивни соеви на вирусот, како што е индискиот, кој брзо се шири, а во некои земји има резултати кои укажуваат дека висок процент од заразените се невакцинирани, но може да се заразат и вакцинирани, со тоа што ќе имаат полесна форма на болеста.
-Треба да се постигне колективен имунитет од 80 отсто, а ние сме далеку од тоа и затоа се нашите апели и кампањи, и преку министерството, Владата, Канцеларијата на ЕУ, преку УНИЦЕФ со цел граѓаните да се вакцинираат. Достапна е вакцината во сите пунктови, никој од граѓаните кој ќе се пријави за вакцинациај нема да биде вратен се со цел да имаме нормален живот, нагласи Филипче.