Излезе од печат книгата „Колун Наива“ од Иван Дамјански

Во издание на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, излезе од печат книгата „Колун Наива“ од Иван Дамјански. Тоа е негово промотивно дело и  прв обид на литерарен план за неговите детски случувања Книгата е отпечатена на 170 страници и е поделено на 23 дела во кои се поместени различни прозни записи. Рецензенти на книгата се Свето Стефановски и Славе Катин.

Името на делото е посветено на Колун Планината која е во сопственост на неколку семејства, вклучувајќи го и семејството на авторот. Оваа планина е дел од планинскиот масив Малешевски Планини во областа Малеш, Беровска околија. Оваа убава и карактеристична македонска планина го инспирирала авторот да напише прозни записи, кои се дел од авторовите соништа што катаноќно сонувал: планина, реки, потоци, китни зелени ливади, убави кории со големи дрвја, стада овци, говеда и безгранични детски игри.

Книгата „Колун Наива“ содржи 23 поднаслови, меѓу кои посебно место има посветено на  планината Колун. Во него авторот го опишува патувањето и пристигнувањето на Планината, каде престојувал околу 70 дена, заедно со семејството, со други родбински семејства и со уште десетина деца, негови другарчиња. Всушност, во рурални услови, со многу работни ангажмани и во сиромаштија, авторот ќе го користи својот летен училишен распуст, меѓутоа, бил многу среќен, бидејќи многу ја сакал планината и детската дружина која истовремено престојувала на планината..

Планина Колун авторот ја опишува како место каде тој ги регистрирал сите нејзини делови: шумата, ливадите, дрвените огради од талпи, колибите, булуците овци, раштрканите говеда, трлата, гумната, патеките во разни правци, нивите посеани со жита и компири, цветовите на овошките, што диви, што питоми, камарите со натрупани дрва за огрев, а горе под облаците кога кружеле орли, чувството му било блажено опојно, од многуте бои на пејзажите, од што и настанале авторовите  прозни записи.

Литературното остварувања „Колун Наива“ на Иван Дамјански е негово автентично дело. Toa e исполнето со бројни симболи, метафори и народни изразувања, а пренесувањето на дејствијата е на македонски роднокраен говор специфичен за Малешевијата. Во овие прозни записи со вонредно раскажувачки стил и со роднокрајна лексика се дадени дејствија од планинскиот амбиент и голем број случувања кои за децата од тој Малешевски крај значеле живот.

Исто така, Иван Дамјански во делото „Колун Наива“ пишува дека заради челичење, родителите дозволувале сите деца од дружината, вклучително и авторот да кампуваат на посебно место, далеку од колибите каде преноќувале во самоорганизиран и колективен живот. При престојот во кампот детската дружина се самоорганизирала во заедничкото живеење, за на крајот да се подготови за патувањето и враќањето на експедицијата од Колун Планината во селото Владимирово.

Инаку, авторот на делото „Колун Наива“ Иван Дамјански е роден на 15 мај 1946 година во Владимирово, Беровско. По завршувањето на основното образование во Владимирово и во Подареш, школувањето го продолжил во гимназијата “Јане Сандански” во Струмица, а потоа на Правниот факултет во Скопје, каде и дипломирал. Работел во Стручната служба на ЦК на СКМ, на Третата програма на Радио Скопје, во Кабинетот на Градоначалникот на Град Скопје, а бил директор на АКУД “Мирче Ацев”, и “Систем 21”, како и дирекстор на Републичкиот завод за судски вештачења.

Славе Катин