ВМРО-ДПМНЕ почнува со трибини како дел од кампањата „Македонија за сите луѓе“

ВМРО-ДПМНЕ вечерва во 20 часот со трибина во Гази Баба започнува со промоции на политики, мерки и вредности во рамки на кампањата „Македонија за сите луѓе“. Партијата најавува повеќе трибини со присуство на професори, експерти и аналитичари од повеќе области кои ќе зборуваат за новиот концепт. Првата тема ќе биде енергетиката, а од партијата велат дека во фокусот ќе бидат цената на струјата, акцизата на горивата, гасификацијата, што треба да се прави со РЕК и друго.

На партискиот собир ќе бидат посочени мерки што треба да ги превземе централната власт, политики што ќе придонесат за драстично подобрување на животот на граѓаните. Овој нов концепт, дел од кампањата „Македонија за сите луѓе“, го најави лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на роденденот на партијата.

– Нашиот слоган е „Македонија за сите луѓе“. Оваа нова политичка стратегија ќе ја оствариме преку нашите политики, кои ќе ги објаснуваме и соопштуваме. Политики за сите луѓе! Ќе зборуваме кои ќе бидат темелите за нашите решенија кои ќе ги понудиме. Кои се основните принципи преку кои ќе ја закрепнеме економијата. Дека мора да завладее правото за да имаме економија, дека потребна е реална поддршка на иновациите, малиот и среден бизнис. Да инвестираме во know-how, да правиме ефективна и ефикасна соработка со бизнис заедницата во интерес на сите граѓани нормално, да се бориме за секое едно работно место и да создадеме десетици илјади нови работни места. Вештачката интелигенција, роботиката, трансферот на знаење, тоа се патриотите на 21-от век, изјави тогаш Мицкоски.

Од опозициската партија наведуваат дека во завршна фаза се анкетите и анализите за можните кандидати за градоначалници и советници и дека може да се очекува наскоро да бидат објавени дел од нив.