Во Бугарија завршија вонредните парламентарни избори. Македонската страна очекува да се формира функционален парламент и политичка влада за да продолжат разговорите за отстранување на ветото за почеток на преговорите со ЕУ, додека бугарскиот претседател Румен Радев вчера порача дека резултатот од изборите нема да го смени односот на Бугарија и дека раководството во Северна Македонија мора само да ја отстрани блокадата.
– Политиката на Бугарија кон Северна Македонија не зависи од тоа која влада е на власт и каков ќе биде парламентот, туку од водењето отворен конструктивен дијалог меѓу Скопје и Софија и тој треба да се води меѓу двата главни града, не во Брисел или Париз, и зависи од критериумите што ќе ги исполни Скопје за членство во ЕУ, изјави Радев, одговарајќи на новинарско прашање дали новата влада ќе ја смени политиката кон Скопје.
Потребни ни се вистински, одржливи резултати за членство во ЕУ, за промена на учебници, споменици со нивни натписи, музеи, јавни медиуми, за искоренување на говорот на омраза, рече Радев.
Премиерот Зоран Заев, пак, во саботата, пред изборите во Бугарија, рече дека очекува функционален парламент и политичка влада во Софија за добивање на зелено светло, односно одблокирање на Северна Македонија на патот кон Европската унија.
– Лично мислам дека ги адресирав сите важни работи на билатералните разговори на 17 јуни при посетата на Бугарија. Остана да се избере бугарскиот парламент и да се избере владата за да имаме надеж дека ќе се донесе одлука. Очекувам декември годинава да биде донесена одлуката, но секако да оставиме процесите да бидат успешни за да може да се израдуваме со позитивна одлука, рече Заев, повторувајќи дека како држава не се откажуваме и продолжуваме се додека не се реши ова отворено прашање.
Од друга страна, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ она што е поважно од случувањата во Бугарија е што поскоро да се изгласа Предлог-резолуцијата што како партија ја имаат поднесено во Собранието.
Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, со резолуцијата ќе се постават вистинските постулати за понатамошното дејствување на земјава.
Опозицијата изрази и негодување на изјавата на премиерот Заев дека резолуцијата треба да се прилагоди. Велат не гледаат причина зошто сега Заев бара усогласување и измени кога СДСМ на прес-конференција јавно го прифатила овој документ.
– СДСМ, јавно на прес -конференција ја прифати резолуцијата којашто ВМРО-ДПМНЕ ја предложи до Собранието. Кога велам јавно ја прифати, тоа значи дека ја прифати онаква каква што е, односно каква што беше предложена од наша страна. Така да сите овие обиди да се излезе од тоа прифаќање кое јавно на прес – конференција го кажаа е само уште еден момент да се видат искрените намери на СДСМ и власта во врска со резолуцијата и врска со оние јасни искрени намери за заштита на државните интереси на Република Македонија, рече Арсовски.
Предлог-резолуцијата е доставена до Собранието на Северна Македонија, но, според веб страницата на законодавниот дом, за денеска не е закажана пленарна седница.