Јакнење и збогатување на културната соработка помеѓу 16 држави од Централна и Источна Европа и НР Кина (Иницијатива 16+1) ќе биде улогата на Координативниот центар за културна соработка чие седиште официјално вечер ќе биде отворено во Националната и универзистетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје.
Иницијативата за Координативен центар за културна соработка помеѓу Кина и ЦИЕ е покрената на Вториот форум за културна соработка во Софија во 2015 година, кога многу земји ја прифатија позитивно. Одлуката седиштето на Центарот да биде во Скопје беше донесена на третиот Министерски форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите на ЦИЕ кој се одржа од 21-ви до 25 септември 2017 година во Хангџоу, Кина, каде македонската делегација ја предводеше министерот Роберт Алаѓозовски.
Координативниот центар за културна соработка е организациска единица – одделение во рамките на Секторот за меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО во Министерството за култура. Преку Центарот ќе се координираат активностите во културата помеѓу НР Кина и земјите-членики на Инцијативата 16, ќе се презентира културата на НР Кина и на земјите од ЦИЕ, а ќе иницира и заеднички меѓународни платформи на соработка и поврзување на културите на земјите-членики на Процесот 16 + 1.
Од Министерството за култура за МИА велат дека активностите и функциите на Центарот ќе бидат фокусирани на комуницирање и вмрежување со официјалните претставници од областа на културата на Кина и на земјите од ЦИЕ, како и организирање состаноци со експерти; собирање, уредување, објавување и дистрибуирање информации поврзани со промовирање на културните врски меѓу Кина и земјите од ЦИЕ.
– Охрабрување на процесот на споделување знаења, искуства и најдобри практики со цел да се овозможи директна и успешна соработка меѓу институциите од областа на уметноста и меѓу уметниците од различните земји членки од ЦИЕ; комуницирање, вмрежување и координирање на услуги заради спроведување договори, планови и проекти договорени од страна на страните вклучени во Форумот за културна соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ со цел вклучување поширока публика и остварување успешни резултати, посочуваат од Министерството за култура. Координативниот центар, исто така, ќе биде фокусиран и на организирањето на четвртиот Министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ кој во следната, 2019 година ќе се одржи во Македонија.
Центарот ќе координира и со новоформираните струкови унии чија цел е соработка во сите области на културата во рамките на овој процес. Започнати се постапки за формирање специјализирани-струкови унии и досега се формирани Унија на балетски/танцови здруженија и Унија на музички академии во кои се вклучени Интер арт – културен центар од Скопје и Музичката академија во Штип. Во тек е формирање на Унијата на библиотеки каде активно се вклучени нашите национални библиотеки од Скопје, Битола и Штип.
На отворањето на Координативниот центар за културна соработка меѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина вечер во 19 часот во НУБ ќе се обратат министерот за култура Роберт Алаѓозовски и амбасадорката на Кина Јин Лиџиан. Се очекува да присуствуваат и амбасадори на земјите-членки на Иницијативата 16+1.
Иницијативата на НР Кина со процесот „16+1“ има цел да ја интензивира и прошири соработката со 11-те земји членки на Европската Унија и петте балкански земји во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделството, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.