Еден од најпознатите манастири во нашата земја и пошироко „Свети Јован Крстител“ – Бигорски, со големи достоинства ја одбележа втората манастирска слава, Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден.
-Оваа година, на торжеството по повод неговото Рождество, нашиот славен патрон ја закити својата илјадагодишна Обител со уште две големи достоинства. На Божествената Литургија, со почесно архимандритско достоинство беше удостоен јеромонахот Доситеј, манастирски економ и верниот соподвижник на нашиот старец и игумен г. Партениј, додека нашиот собрат Анатолиј, духовно роден и со голема љубов израснат од старецот, беше ракоположен во возвишениот свештенички чин, станувајќи јеромонах на нашата Света Обител, објави Бигорски на официјалната интернет страница.
Дебарско-кичевски Митрополит г. Тимотеј во обраќањето покрај другото упатил честитки до двајцата, посакувајќи им да продолжат по патот за просперитет на ова древно светилиште.
-Ја користам оваа прилика на отецот Доситеј да му го честитаме одликувањето од страна на САС на МПЦ-ОА со достоинство на архимандрит, кое ќе го носи како почесно достоинство, останувајќи собрат на оваа Обител како и досега. Му посакуваме ова достоинство да го носи за просперитет на овој манастир и за спасение на неговата душа. На новоракоположениот јеромонах Анатолиј, во името на собраќата свештенослужители и од свое име му посакуваме ревносно служење на Црквата Божја и духовно растење во христијанските добродетели. Свештеничкиот чин, пак, да го носи во служба на Бигорскиот манастир и на братството, за афирмација на МПЦ и за спасение на неговата душа. По охридски – носи го достоинството со бел образ, посакал г. Тимотеј.
-А нашиот духовен татко, нашиот најсакан родител во Христа, старецот и игуменот на Бигорската Обител, Епископот г. Партениј, кој од љубов смирувајќи се пред сите, за да ги возвеличи сите, на своето чедо, јеромонахот Доситеј, кого го удостои со почесното архимандритско достоинство, му подари два архимандритски крста со зборовите: Нека твоите дела и во иднина бидат драгоцени, за наследување на Царството небесно. Достоен! Исто така, од сè срце му честитам и на моето сакано духовно чедо, сега јеромонах Анатолиј, за превозвишениот свештенички чин со кој денес се украси. Нека го носи со бел образ и достоинство. Достоен! наведуваат од Бигорски.
Со зборови полни со топлина, додаваат, се заблагодарил архимандрит Доситеј.
-Најнапред му благодарам на Бога и на Свети Јован Крстител, чиј спомен славиме, што ме прими во оваа Света Обител. Се разбира, не помалку му благодарам и на мојот духовник, кој, еве, во име на Свети Јован ме прими и трпеливо ме носи и секојдневно ме поправа, трудејќи се повеќе од 25 години за мојот монашки живот. Ми дава, пред сè, личен пример и совет од лично искуство. Покрај него секој ден учам нешто ново од духовниот живот, а како и јас, така и браќата и сите околу него, црпиме светоотечко и светопреданиско искуство, што старецот неизменето, лично го практикува. Тој ме воведе во татковските прегратки и по негов предлог сум ракоположен и за јероѓакон и за јеромонах, а ете, денес и ракопроизведен за Архимандрит, рекол меѓу другото архимандрит Доситеј.
Првата слава на манастирот, отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, Претеча и крстител Господов Јован е на е на 11 септември.
Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин и минатата година го одбележа големиот јубилеј 1000 години од основањето.