Можни рестриктивни мерки на границите поради делта сојот, дозволена вакцинација и на деца

По детектирањето на индиската – делта варијанта на коронавирусот кај пациенти во земјава, можно е воведување мерки на границите при влез во Северна Македонија, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи. До вчерашниот ден во државава се регистрирани десет случаи на заразени со индискиот сој, а вкупно се активни 141 случај на заразени со Ковид-19. Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, а ќе се дозволи и вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информира дека до крајот на неделава со членовите на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали сегашната состојба бара воведување некакви рестриктивни мерки. Филипче оцени дека генерално состојбата во земјава и понатаму е мирна и апелираше граѓаните да се вакцинираат на пунктовите, кои од понеделник ќе бидат отворени и нема да има потреба од закажување.

– Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени, изјави Филипче.

На новинарско прашање дали евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на РС Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, Филипче одговори дека доколку се одлучи оти има епидемилошка вредност, тоа ќе важи за сите. 

Според него, логично е да се очекува дека новиот сој побрзо ќе се шири, но доколку сме вакцинирани во висок процент и има одреден степен колективен имунитет, колку и да е позаразен, нема да се повтори  сликата со претходниот британски сој и тогашниот силен бран. 

Последните четири случаи на заразени со индискиот сој се потврдени вчера во лабораторијата во МАНУ и тие немале премногу контакти.

– Имаат патувано во странство. Тоа се две двојки и нема епидемиолошки ризик. Сега епидемиолозите ја вршат таа работа која ја вршеа на почетокот, индивидуални контакти, изолација итн, рече Филипче.

Околу 400 илјади граѓани се веќе вакцинирани од кои 240 илјади се ревакцинирани, а до крајот на оваа недела ќе заврши и вакцинирањето на сите 60 000 пријавени кои добиле термин заедно со граѓаните кои се вакцинирани во Србија.

– Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер што во овој момент е единствена вакцина која е дозволена да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија на деца на оваа возраст, потенцира Филипче и додаде дека досега нема нус појави кај вакцинирани деца.

Посочи, дека, се вакцинираат деца во Србија, Грција, Германија, а родителите со деца треба по своја волја да дојдат, што не е задолжително, да се вакцинираат.

Филипче истакна дека според публикации од Англија, таму овој сој бил позастапен кај младите и затоа поминува како полесна форма, а децата се тие кои се трансмитери. Затоа, појасни, сега ставаме акцент и на вакцинација на помладите за да го обезбедиме едукативниот процес во училиштата од септември и за што поголем процент од населението да биде вакциниран.

Академик доктор Александар Димовски од Центарот за генетички инженеринг и биотехнологија при МАНУ истакна дека засега со сигурност се знае дека вакцинацијата спречува развој на тешка форма на болеста.

-Нема потреба да правиме мерки што буквално ќе ја затворат државата. Тоа што знаеме е дека сите вакцини кои се користат сега спречуваат најтешка форма на болеста, хоспитализација и смрт во најголем процент, рече Димовски и упати апел до сите граѓани посебно тие што се во групи од ризик, повозрасни и со хронични заболувања да се вакцинираат, да се заштитат себеси и генерално да се врати ситуацијата во нормала.

Од Министерството за здравство соопштија вчера дека вакцинацијата се одвива непречено на сите
пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 492 662 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 627.948 дози вакцини, а ревакцинирани се 237 322 граѓани.

Според податоците што ги објави вчера Институтот за јавно здравје, регистрирани се девет нови случаи со Ковид-19 од 2.743 тестирања. Од нив шест се во Тетово, два во Гостивар и еден во Охрид. Починати пациенти не се регистрирани, а оздравеле десетмина. Со тоа вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата  достигна 155 741, на оздравени пациенти е 150 114, а на починати е 5.486.

Во меѓувреме, во регионот на јужниот албански град Ѓирокастро се регистрани првите два случаи сомнителни дека се заразени со Делта сојот. Извори за Ора њуз информирале дека едниот е студент од село во близина на градот, кој дошол од странство и покажал компликации и симптоми слични на индискиот тип на корона вирусот. -Вториот случај е лице на 45-годишна возраст од Пермет, кое исто така пристигнало од странство. И двајцата се лекуваат во домашни услови и засега нивната здравствена состојба е стабилна, наведува телевизијата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, втор ден по ред, во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вкупно 1.820 новозаразени, од кои повторно најголемиот дел се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, додека пак починаа девет лица.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, 1.061 случај е во Атика, 172 се на Крит, 51 во Солун, 50 во Јанина, 18 во Коринт, 14 на островот Миконос (кој веќе е во третата портокалова зона), 12 на Крф, пет на Халкидики итн. Од новите случаи 21 е „увезен“, од кои шест биле откриени на влезните точки во земјата.

Весникот „Катимерини“ објави дека во фокусот на грчката Влада се 82 општини во кои процентот на имунизациска покриеност е под 30 отсто, а се планира ангажирање на локалните власти, наставници, лекари, свештени лица и слично за поттикнување на населението да се вакцинира.

Здравствените власти во Туркменистан, пак, соопштија дека вакцинацијата против Ковид-19 е задолжителна за сите жители на возраст над 18 години, откако регионот на Централна Азија објави зголемување на бројот на нови инфекции. Туркменистан не пријавил случаи на инфекција со коронавирусот, но воведе голем број ограничувања, како што е задолжително носење заштитни маски за лице. Соседен Казахстан воведе задолжителна вакцинација за широк спектар на вработени во јавниот и приватниот сектор.

И Јужна Кореја потврди повеќе од 1.200 нови случаи на коронавирус во изминатите 24 часа, што е најголем дневен број од крајот на декември минатата година. Премиерот Ким Бу-кјум изјави дека мерките за социјално дистанцирање ќе бидат продолжени за следните неколку денови, а властите ќе одлучат дали ќе ги заострат постоечките правила, во момент кога земјата се бори со четвртиот бран на пандемијата, предизвикан од многу заразниот делта сој на коронавирусот. Вирусот брзо се шири меѓу невакцинираното население, главно на возраст меѓу 20 и 30 години, а премиерот упати апел луѓето превентивно да се тестираат.