Самит на Берлинскиот процес: Иднината на Западниот Балкан лежи во вистинска обединета Европа

Иднината на Западниот Балкан лежи во вистинска обединета Европа. Целосната интеграција на Западниот Балкан во европското семејство треба да биде природен исход на реформскиот пат на регионот и столб за долгорочен мир и стабилност. Ова се главните пораки што произлегоа од вчерашниот виртуелен самит на Берлинскиот процес, чиј домаќин беше Германија.

Проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан претставува стратегиска инвестиција во мир, демократија, просперитет, безбедност и стабилност во Европа, потврдувајќи го долгорочниот став дека иднината на целиот регион лежи во ЕУ, се главните заклучоци што произлегоа од самитот.

Учесниците, меѓудругото, потенцираа дека инклузивната регионална соработка е фундаментален фактор за партнерите од Западниот Балкан на нивниот пат кон членство во ЕУ и таа не е замена за пристапувањето.

Поздравена е и позитивната координација на проектите започнати во рамки на Берлинскиот процес и политиките на ЕУ, со специфичен фокус на Економскиот и инвестициски план, Зелената агенда за Западниот Балкан и заедничкиот регионален пазар.

Исто така, се забележани напорите вложени од страна на Западниот Балкан од Самитот на Софија да го направи Заедничкиот регионален пазар реалност. Ова е одлучен напор во поглед на градењето подобри економии во регионот пост-Ковид-19 и подготовка на можности за натамошна интеграција на Западен Балкан на Единствениот пазар на ЕУ, стои меѓудругото во заклучоците на Берлинскиот самит.

Поттикнување на земјите од Западниот Балкан да манифестираат дух на компромис со цел да се постигнат конкретни резултати во однос на спроведувањето на проектот за Заедничкиот регионален пазар, беше главна тема на самитот на Берлинскиот процес.

Регионалната соработка е основен фактор за поврзување и економски прогрес, но не е замена за членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, порача премиерот Зоран Заев во обраќањето на Самитот на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.

– За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Имајќи го тоа предвид, од неодамна влеговме во нова фаза на нашата соработка. Имено како регион преземавме на наш товар многу иницијативи и процеси, но исто така испорачавме и резултати, истакна Заев.

Тој потенцира дека проширувањето на ЕУ претставува стратешка цел за земјите од Западниот Балкан и оти целосната интеграција на Западен Балкан во европското семејство треба да биде природен исход на реформскиот пат на регионот и столб за долгорочен мир и стабилност.

– Се согласивме дека регионалната соработка е основен фактор, а не замена за Западниот Балкан на неговиот пат кон членството во ЕУ. Берлинскиот процес навистина успеа да го придвижи Западниот Балкан во вистинската насока. Особено во врска со регионалната економска соработка. Во овој контекст, гледајќи наназад, кога пред две години решивме да ги намалиме цените на роамингот во регионот, никој не помислуваше дека ќе имаме регион со нула такси за роаминг. Овој историски успех дојде како резултат на долгите преговори, олеснети од Советот за регионална соработка и ЕУ. Сега тоа е завршена работа, посочи Заев.

Исто така, додаде премиерот, со поддршка на Заедничкиот регионален пазар на Самитот во Софија во ноември минатата година, решивме да работиме на една многу подлабока трансформација на регионална економска интеграција.

Според него, политичката волја и посветеноста на регионалната соработка се резултат на заеднички препознаени интереси кои се однесуваат на развојните приоритети на економија на земјите од регионот и нивно ставање во контекст на регионалниот развој со цел да се создаде регионална економска област, заснована врз заеднички правила и еднакви услови на конкуренција.

Заев исткна дека нашата Влада е целосно посветена на регионалната економска интеграција, што вклучува проширување на Зелените коридори кон соседните земји на ЕУ, усогласување на националното законодавство со правилата и стандардите во согласност со ЕУ и обезбедување можности за компаниите и граѓаните, усогласување на политиките за инвестиции со стандардите на ЕУ, најдобрите меѓународни практики и промовирање на регионот пред странските инвеститори, во областа на интеграција на Западен Балкан во европскиот дигитален пазар и во областа на трансформација на индустриските сектори.

Премиерот посочи дека преку исполнување на нашите заложби, наследството на Берлинскиот процес ќе се одржи, развива понатаму и ќе се спроведува.

– Ќе обезбеди постојано политичко ангажирање, со интензивен преглед на усвоените бенчмаркови од страна на Европската комисија, земјите-членки на ЕУ и Германија, особено како нејзин иницијатор, за унапредување на регионалната интеграција во согласност со стандардите на ЕУ и со тоа да се направи пореално ЕУ-инклузивно проширување, заклучи премиерот во обраќањето.

Покрај премиерот Заев, на Самитот говореа и премиерите на земјите од Западен Балкан, премиерите на Грција, Хрватска, Словенија, Италија и Бугарија, францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Самитот го отвори германската канцеларка Ангела Меркел која во своето обраќање се заблагодари на целиот регион, на политичките лидери, како и на сите меѓународни институции, Европската комисија и земјите членки на ЕУ кои го потпомагаа овој процес во изминатите седум години.

Таа мајави дека Германија ќе им даде три милиони дози вакцини против Ковид-19 на земјите од Западниот Балкан. – И тоа ќе го сториме што е можно побрзо, нагласи Меркел.

По завршувањето на самитот, Меркел истакна дека не можеле да ја предвидат блокадата на Бугарија на пристапните преговори на С Македонија со ЕУ.

Оценувајќи го напредокот на регионот во последните 16 години откако таа е германски канцелар, Меркел рече дека имало и добри и лоши моменти. Генералната оценка на Меркел е дека во последните седум години, од почетокот на таканаречениот Берлински процес, имало успеси, но и оти останува доста да се сработи во делот на борбата против корупцијата.

– Некои тешкотии не можете да ги предвидите. Долго гледавме како Северна Македонија и Грција преговараа за името. (…) (Откако се реши спорот) Северна Македонија стана членка на НАТО, но одеднаш Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство во ЕУ, рече Меркел.

Германската канцеларка уште еднаш повтори дека иднината на регионот е во ЕУ и тоа, според неа, не е интерес само на земјите од Западниот Балкан туку и на самата ЕУ. Наведувајќи ги тешкотиите со кои се соочува регионот, Меркел наведе три: спорот меѓу Србија и Косово, состојбата во БиХ,  како и спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.

– Потребно ни е многу трпение, но и голем ангажман за да се надминат овие спорови, рече Меркел.

Одговарајќи на новинарско прашање околу позицијата на Франција за проширувањето на ЕУ, Меркел рече дека францускиот претседател Емануел Макрон исто така бил на виртуелниот состанок и „јасно се изјаснил за перспективата на членство во ЕУ на земјите од регионот“. Таа сепак објасни дека освен во Франција и Холандија, дискусии за проширувањето на ЕУ се водат и во Германија и повика Конференцијата за иднината на Европа да го даде одговорот на прашањето: Кога ЕУ повторно ќе биде подготвена за проширување.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен повика на забрзување на проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан, потврдувајќи ја посветеноста на Брисел на соработката и поддршката на регионот во закрепнувањето по кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

– Нашиот прв приоритет е да ја забрзаме агендата за проширувањето низ целиот регион и да ги поддржиме нашите партнери од Западен Балкан во нивната работа со цел спроведување на потребните реформи за напредување на европскиот пат. Нашиот ангажман со Западен Балкан го надминува тоа, а Берлинскиот процес служеше како инкубатор за многу иницијативи кои сега станаа составен дел од политиката на ЕУ кон регионот. Заедно го отворивме патот за поодржлива, дигитална и поотпорна Европа, рече фон дер Лајен.

Комесарот за проширување Оливер Вархеји повтори дека премостувањето на социо-економскиот јаз меѓу Западен Балкан и ЕУ е клучно за процесот на проширување.

– Преку Економскиот и инвестициски план, ние носиме значителни можности за инвестиции во регионот. Сега останува на регионот добро да ги искористи со примена на неговиот целосен економски потенцијал и воспоставување на заеднички регионален пазар заснован на правилата на ЕУ, рече Вархеји.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека ЕУ мора да ги исполни своите ветувања. – Унијата мора да го засили својот ангажман, имајќи ја предвид фрустрацијата во врска со нејзината улога на Западен Балкан, рече Курц.

– Ние мора да ги исполниме нашите ветувања, рече тој, осврнувајќи се пред сè на неисполнетото ветување за отворање пристапни разговори со Тирана и Скопје.

Курц изрази надеж дека ќе се постигне напредок за време на словенечкото претседателств и ја поддржа иницијативата на премиерот на Словенија, Јанез Јанша за одржување на Самит на ЕУ за Западен Балкан во октомври.

Тој го нагласи ангажманот на Австрија за приближување на Западен Балкан кон Унијата и во тој поглед потсети на самитот што се одржа во Виена кон средината на јуни. Според него, ЕУ е комплетна само кога сите земји од Западен Балкан ќе бидат членки на ЕУ.

Поддршката на Грција за европската перспектива на регионот, како и подготвеност на земјата да обезбеди помош на границата со Северна Македонија и Албанија во рамките на зелениот коридор за непречен проток на добра, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на Самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан.

Мицотакис во неговото излагање ја нагласи подготвеноста на Грција да помогне во проширувањето на иницијативата за зелени коридори, со цел непречена дистрибуција на неопходните добра меѓу Западниот Балкан и ЕУ, со обезбедување помош на границите со Северна Македонија и Албанија.

Грчкиот премиер, повтори дека „стратешкиот избор на Грција беше и останува европската перспектива на Западниот Балкан, под познатите услови“.

Во своето обраќање, премиерката Ана Брнабиќ се заблагодари на германската канцеларка Ангела Меркел за силната поддршка и активниот пристап кон регионалната соработка.

– Благодарение на поддршката на Германија и канцеларката Ангела Меркел, но и внатрешните иницијативи на претставниците на Србија, Албанија и Северна Македонија, објасни Брнабиќ, спроведувањето на Акцискиот план ќе овозможи понатамошно проширување на економската и трговската соработка во регионот, што ќе го направи попривлечен за странските инвеститори и ќе го забрза економскиот раст.

Брнабиќ посочи дека Србија силно го поддржува Берлинскиот процес, не само заради економски развој на регионот, туку и како идеја за поврзување и обединување на Западен Балкан и неговото приближување кон Европската унија. Таа заклучи дека поддршката во регионот е особено видлива преку солидарност со соседите за време на пандемијата и помошта со вакцини и медицинска опрема.

Албанскиот премиер Еди Рама не штедеше критики кон ЕУ и рече дека иако самата ЕУ зборува за гаснење на национализмите на Балканот, всушност тоа ги покажува нивните национализми што го попречуваат процесот на интеграција за Албанија и земјите од Западен Балкан.

– Како прво, би сакал да ви се заблагодарам многу искрено за почетокот и поддршката за сето ова време на овој процес и за вашата силна и непоколеблива посветеност кон нашиот регион. Знам дека не ви се допаѓаат пофалби, но всушност сметам дека процесот што го започнавте навистина беше многу важен за одржување во живот на она што, патем, го гасне ЕУ, пламенот на надежта за иднината, речео Рама.

Тој додаде дека е многу важно „да имаме повеќе авторство во процесот“, онолку колку што е важно така што процесот се комбинира со зголемените напори на Комисијата, засновани на новиот економски и инвестициски план.

– Тажно е и секој знае дека во меѓувреме, процесот на европска интеграција на целиот регион во ЕУ, кој некогаш се гледаше и беше прикажан како вистински начин за потчинување на балканските национализми, сега се претвори во процес потиснат од национализмите на ЕУ. Понекогаш тука а понекогаш таму, национализмите во ЕУ значително го комплицираат нашето европско патување и играат спротивна улога. Сепак,  како што легендарниот Доналд Трамп велеше: „Ова е тоа што е“, така што треба да одиме напред со она што го имаме, посочи Рама.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ истакна дека Хрватска го поддржува продолжувањето на политиката на проширување, заснована врз индивидуалните заслуги на секоја земја, што беше утврдено и на самитот во Загреб за време на хрватското претседателство со Советот на ЕУ во мај 2020  година.

Тој ја истакна потребата за брзо постигнување консензус за преговарачките рамки за Албанија и Република Северна Македонија, за да можат веднаш да се отворат пристапните преговори.

Берлинскиот процес за Западниот Балкан, инициран од германската Влада на 28 август 2014 година, претставува форум за соработка меѓу земјите членки и институциите на ЕУ, шесте држави од западнобалканскиот регион и Велика Британија.

Овој неформален процес ги поддржува земјите од Западниот Балкан во воспоставување поблиски врски со ЕУ и остварување на нивните напори за интеграција во ЕУ, во зголемување на регионалната соработка во областа на инфраструктурата, економијата, дигитализацијата, младинските прашања и науката, како и во поттикнување на дијалогот во регионот.

Целите на Процесот опфаќаат и поттикнување на „дополнителен реален напредок во реформскиот процес, во решавање на отворените билатерални и внатрешни прашања и во постигнувањето на помирувањето во и меѓу општествата во регионот“, како и во зајакнување на „регионалната економска соработка и поставување на темелите за одржлив раст“.

Берлинскиот процес претставува дополнителна институционалната алатка насочена кон забрзување на интеграција на земјите од регионот во ЕУ и нивно усогласување со законодавството на Унијата.

Процесот е замислен како инструмент за остварување на социјална, економска и политичка димензија, односно поврзување на луѓето, економиите и државите од регионот. За таа цел Процесот досега промовираше иницијативи и проекти во областа на транспортот и инфраструктурата, економската поврзаност и соработката меѓу младите, деловните субјекти и граѓанските општества од Западниот Балкан. За таа цел беа промовирани и Регионалната канцеларија за соработка на младите, Инвестицискиот форум на коморите од Западниот Балкан и Фондот за Западниот Балкан.