Температурните амплитуди од завчерашните минус 10, па до плус 16 степени Целзиусови, кои се најавуваат во наредните денови, им задаваат проблеми на градинарите во Струмичко.
Според нив, ваквите температурни шокови влијаат лошо на сите посеви, но засега најмногу може да удрат врз пролетната зелка, која е во фаза на врзување листови и за петнаесетина дена се очекува нејзина берба.
– Засега нема регистрирано оштетувања. Но, од искуство знам дека откако ќе поминат ваквите временски бранови ќе дојдат оштетувањата на плодовите. Се придржувам кон агротехничките мерки и се надевам дека ќе имаа можност да се радувам на производството, кое годинава стасува порано за разлика од другите производствени сезони, вели Коце Божиков, производител на пролетна зелка од селото Дабиле.
Ванчо Митев од Здружението „Еко Градинар“ од село Добрејци вели дека секојдневно се борат со студениот бран.
– Имаме проблем со одржувањето на расадот за другите култури и сме принудени да го покриваме со повеќе слоеви полиетиленска фолија. Со тоа се изложуваме на поголеми трошоци, вели Митев.
Според експертите, зимата која дојде кај нас во март лесно може да ја уништи веќе покрената вегетација и кај овошните насади.
– Поради виските температури кои ги имавме во јануари веќе е почнато сокодвижењето кај некои овошни видови, па дури во јужниот дел од државата има расцветување кај бадемот и праската. Од променливите температури може да се очекуваат штети, вели д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија.
Тој додава дека сепак штетите ќе се поголеми во градинарството во Струмичкиот Регион, каде најзагрозена е пролетната зелка од големите температурни амплитуди. Тие предизвикуваат стрес кај растението и одредени штети, бидејќи во текот на денот температурата во пластеникот достигнува 30 степени Целзиусови, а ноќе температурата паѓа под нулата.
– За производителите на зелка најдобро е при вакви шокирачки температури да врашат редовно наводнување на површините, бидејќи водата делува како амортизер во однос на температурните разлики и со тоа се ублажува шокот кој доаѓа од разликата меѓу ниските и високите температури и секако земјоделците да се придржуваат кон мерките за агротехничка заштита, додава д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.
Инаку, во Струмичкиот регион се засадени околу илјада хектари под оваа култура и се очекува принос од околу 40 илјади тони.