Заев на Самитот на Берлинскиот процес: Регионалната соработка е основа за поврзување и економски прогрес, а не замена за интеграцијата во ЕУ

Регионалната соработка е основен фактор за поврзување и економски прогрес, но не е замена за членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, порача премиерот Зоран Заев во обраќањето на Самитот на земјите од Западен Балкан во рамки на Белинскиот процес.

– За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Имајќи го тоа предвид, од неодамна влеговме во нова фаза на нашата соработка. Имено како регион преземавме на наш товар многу иницијативи и процеси, но исто така испорачавме и резултати, истакна Заев.

Тој потенцира дека проширувањето на ЕУ претставува стратешка цел за земјите од Западниот Балкан и оти целосната интеграција на Западен Балкан во европското семејство треба да биде природен исход на реформскиот пат на регионот и столб за долгорочен мир и стабилност.

– Се согласивме дека регионалната соработка е основен фактор, а не замена за Западниот Балкан на неговиот пат кон членството во ЕУ. Берлинскиот процес навистина успеа да го придвижи Западниот Балкан во вистинската насока. Особено во врска со регионалната економска соработка. Во овој контекст, гледајќи наназад, кога пред две години решивме да ги намалиме цените на роамингот во регионот, никој не помислуваше дека ќе имаме регион со нула такси за роаминг. Овој историски успех дојде како резултат на долгите преговори, олеснети од Советот за регионална соработка и ЕУ. Сега тоа е завршена работа, посочи Заев

Исто така, додаде премиерот, со поддршка на Заедничкиот регионален пазар на Самитот во Софија во ноември минатата година, решивме да работиме на една многу подлабока трансформација на регионална економска интеграција.

– Ние сме посветени повеќе од кога било на спроведувањето на четирите слободи на ЕУ – слободно движење на стоки, слободно движење на услуги, слободно движење на луѓе, слободно движење на капитал, преку усогласување на пристапот кон регулаторната рамка на ЕУ за финансискиот пазар, истакна премиерот.

Според него, политичката волја и посветеноста на регионалната соработка се резултат на заеднички препознаени интереси кои се однесуваат на развојните приоритети на економија на земјите од регионот и нивно ставање во контекст на регионалниот развој со цел да се создаде регионална економска област, заснована врз заеднички правила и еднакви услови на конкуренција.

Заев исткана дека нашата Влада е целосно посветена на регионалната економска интеграција, што вклучува проширување на Зелените коридори кон соседните земји на ЕУ, усогласување на националното законодавство со правилата и стандардите во согласност со ЕУ и обезбедување можности за компаниите и граѓаните, усогласување на политиките за инвестиции со стандардите на ЕУ, најдобрите меѓународни практики и промовирање на регионот пред странските инвеститори, во областа на интеграција на Западен Балкан во европскиот дигитален пазар и во областа на трансформација на индустриските сектори.

– Заедничкиот регионален пазар е успешен пример за мотивација на регионот да започне нови регионални иницијативи насочени кон приближување на земјите од Западниот Балкан кон внатрешниот пазар на ЕУ. Со спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар како двигател на економскиот раст за Западниот Балкан, создаваме подобри работни места, поголем избор по пониски цени. Патувањето, студирањето, работењето и водењето на бизнис во регионот е полесно без бариери. Со нашата цел кон интегриран пазар, воведуваме дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи заедно сме посилни, што го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ, истакна Заев.

Тој потенцира оти целта е исто така да се зголеми привлечноста на регионот за странските инвеститори и да се олесни поголемиот прилив на инвестиции преку заедничко задржување на инвестициите, а со регионално усогласување на политиките за инвестиции и подобро координирана промоција на проценките ќе се зајакне значителениот потенцијал на економиите од Западнот Балкан да ја зголемат нивната привлечност за странско директно инвестирање.

– Верувам дека сите шест земји од Западниот Балкан ќе останат целосно посветени на понатамошното спроведување на резултатите за овој Самит во секоја клучна област. Исто така, сакам да им оддадам почит на сите експерти и претставници од администрацијата од мојата земја, од сите други земји на Западниот Балкан и од регионалните институции/секретаријати, кои сѐ и ќе продолжат да бидат ангажирани во работните групи и преговарачки тимови во подготовката на документите и другите бенефити кои произлегуваат од овој Самит. Сите тие завршија одлична работа и заслужуваат целосно признание, додаде тој.

Заев посочи дека преку исполнување на нашите заложби, наследството на Берлинскиот процес ќе се одржи, развива понатаму и ќе се спроведува.

– Ќе обезбеди постојано политичко ангажирање, со интензивен преглед на усвоените бенчмаркови од страна на Европската комисија, земјите-членки на ЕУ и Германија, особено како нејзин иницијатор, за унапредување на регионалната интеграција во согласност со стандардите на ЕУ и со тоа да се направи пореално ЕУ-инклузивно проширување, заклучи премиерот во обраќањето.

Самитот го отвори германската канцеларка Ангела Меркел која во своето обраќање се заблагодари на целиот регион, на политичките лидери, како и на сите меѓународни институции, Европската комисија и земјите членки на ЕУ кои го потпомагаа овој процес во изминатите седум години.

Покрај премиерот Заев, на Самитот говореа и премиерите на змејите од Западен Балкан, премиерите на Грција, Хрватска, Словенија, Италија и Бугарија, францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Самитот продолжува со својата работа и во текот на попладнево, по што се очекува да бидат прифатени заклучоците од оваа сесија.