CAN Европа: Лидерите на Западен Балкан да постават амбициозни цели за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година

Мрежата за климатска акција (CAN) Европа објави сет на препораки и статија во која повикува лидерите на Западен Балкан да постават амбициозни цели за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година, за да се овозможи декарбонизација на регионот до 2050 година.

Целта на статијата е да се поттикнат активностите во Европа и во регионот во борбата против климатските промени, но и да им се помогне на земјите од Западен Балкан да постават јасен и амбициозен пат за намалување на емисиите на стакленички гасови.

-Оваа статија и сет на препораки имаат за цел да го информираат процесот на поставување на целите за 2030 година во рамки на Енергетската Заедница. На есен 2021, Европската комисија се очекува да ја објави својата анализа за тоа кои би требало да бидат целите за регионот до 2030 година, а за која ќе се дискутира на Министерскиот совет на Енергетската Заедница во ноември, се наведува во соопштението на мрежата.

Во своите препораки CAN Европа наведува дека државите од Западен Балкан треба да постават јасни и амбициозни климатски цели (и акциони планови) до 2030 година, со цел да останат во рамките на целите за ограничување на покачувањето на температурата на 1.5 ° C, како што е предвидено со Парискиот договор.

-Лидерите од регионот треба да ги почитуваат своите ветувања дадени во рамките на Софиската декларација со која се предвидува да се постигне климатска неутралност до 2050 година. Во спротивно, еколошките, социјалните и финансиските предизвици наскоро ќе станат уште посериозни за регионот, посочија во соопштението од мрежата.

Во статија исто така се наведува дека регионот мора значително да ги намали емисиите на сакленички гасови во наредните години, со амбициозни политики и акциони планови за секоја земја од регионот, а со цел за да се постигне климатска нутралност во 2050 година.

-Како потписници на Парискиот договор и Софиската декларација, владите на земјите од Западен Балкан дадоа јасни политички ветувања дека ќе придонесат за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови и постигнување нето-нула емисии до 2050 година, се појаснува во соопштение.

Според резултатите од анализата, земјите од Западен Балкан заостануваат во борбата против климатските промени и намалувањето на емисиите на стакленички гасови.

-Емисиите од енергетскиот сектор во регионот во просек изнесуваат 74 отсто од сите емисии на стакленички гасови. Главниот емитер е застарената и неефикасна флота на термоцентрали на јаглен. Имено, шеснаеесете постројки за јаглен во Западен Балкан загадуваат колку целата флота на постојки во ЕУ од 250 единици! Поради тоа, иако декарбонизацијата на сите сектори е потребна, сепак најгорлива и најтешка ќе биде декарбонизацијата на енергетскиот сектор, дополнуваат од CAN Европа.

Според статијата, додека Србија и Босна и Херцеговина планираат нови постројки на јаглен, добрата вест е дека неодамна три од петте земји од Западен Балкан се откажаа од своите планови за изградба на нови капацитети на јаглен, имено проектите: „Косово е Ре“ на Косово (500 мегавати), Пљевља II во Црна Гора (254 MW) и Осломеј во Северна Македонија (129,5 MW). Според „CAN Europe“, oвој позитивен тренд треба да продолжи, обезбедувајќи праведен, и инклузивен процес за заедниците кои најмногу ќе бидат погодени од затварањето на постојките на јаглен.

Mрежата за климатска акција (CAN) Европа е водечка коалиција на невладини организации во Европа која се бори против опасните климатски промени.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *