Спасовски: Граѓаните не забораваат дека САД биле со нас и кога сме се соочувале со предизвици и кога сме постигнувале успеси

Независностa, велат, значи ширење на љубовта, а уништување на омразата, напредок и растеж, одговорност кон предците и идните генерации. Тоа се заложби што ги поврзуваат нашите две држави, чија независност е заснована на демократски принципи и слободен живот на граѓаните, на суверенитет на народот, владеење на правото, правдата, човековите права и слободи и демократијата. Во тие наши заеднички заложби станавме искрени пријатели и стратешки партнери, заеднички сме дел од големото трансатлантско семејство на народи.

Ова го порачува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук статус по повод 4 Јули, Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, во кој упатува честитки со желба за, како што вели, севкупен просперитет на вашата држава и благосостојба на пријателскиот американски народ.

-Како што доликува на едно семејство, денеска заедно со вас и ги одбележуваме вредностите кои заеднички ги негуваме, а кои се втемелени во потпишаната Декларацијата за независност на САД, пред точно 245 години, со што овој ден не само што претставува најзначајниот настан во историјата на американската нација. Тој ги надминува тие рамки, позиционирајќи се како една од најважните точки на цивилизацискиот напредок, ода на слободата, демократијата и просперитетот. Граѓаните на Република Северна Македонија не забораваат дека сте биле со нас и кога сме се соочувале со предизвици и кога сме постигнувале успеси, дека благодарение на вашата несебична поддршка успеавме да ја вратиме демократијата во нашата држава, да тргнеме во вистинската насока и во остварување на нашите стратешки цели – да станеме полноправна членка на НАТО, да продолжиме по зацртаниот пат кон Европската Унија, да изградиме стабилна и безбедна демократска држава, со подобрен меѓународен углед и поголеми слободи и права за граѓаните, за што од срце ви благодариме, вели Спасовски на ФБ.

Тој воедно изразува увцерување дека американската поддршка за земјава и нашите стратешки цели, ќе продолжи и понатаму.

-Силно верувам дека и во претстојниот исклучително важен период за нашата држава таа ваша поддршка во остварување на нашите стратешки цели ќе продолжи и ќе обезбедиме уште посилна динамика на развој на нашите меѓусебни односи, ќе ја продлабочуваме соработката во сите области од заемен интерес и заеднички ќе придонесуваме за просперитет на регионот, но и воопшто, во глобални рамки, како партнери и сојузници во НАТО. Нека ви е честит 4 Јули – Денот на независноста!, почитувани наши пријатели, граѓани на Соединетите Американски Држави, порачува Спасовски.