Шекеринска до мировниците: Добродојдовте дома, покажавте дека на Армијата на Северна Македонија, НАТО може да се потпре!

„Почитувани мировници, добредојдовте дома! Ви благодарам за службата, за храброста, за издржливоста. Ви благодарам за сето ваше залагање, знаење и мотивација и за способноста којашто ја покажавте и кои го потврдија она што ние го знаеме, но сакавме да го покажеме и на другите, а тоа е дека вие сте војниците на Армијата на Северна Македонија на кои НАТО Алијансата може да се потпре“,  рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната свеченост во касарната „Илинден“ по повод завршувањето на учеството на Армијата во мисиите на НАТО во Авганистан. На свеченоста присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски, заменикот – министер Башким Хасани, амбасадорите на САД и на Турција, Кејт Брнз и Хасан Мехмед Секизкок, началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, армиски генерали и претставници на Воено-дипломатскиот кор.

 

Министерката Шекеринска на свеченоста порача дека членството на земјата во НАТО е заслуга и на ангажманот на над 3.500 армиски припадници во мисиите  „Одлучна поддршка“ и „ИСАФ“ во Авганистан.

 

„Ова го кажувам не дипломатски, не формално, туку навистина од срце. Вие бевте не само влезница за сите нас да можеме да ја претставиме државата во НАТО. Вие бевте влезницата на Република Северна Македонија да пристапи кон најмоќната воено-политичка алијанса. Покрај сите политички напори, вашата жртва, вашиот ризик, вашата одговорност, вашата работа, беа тие кои нè претставија во најдобро светло. И затоа дозволете ми и во мое име и во име на Министерството, и во име на Владата, но и во име на сите граѓани да ви се заблагодарам за големата жртва којашто ја направивте. Тоа беше голем адут кога ги биевме последните битки да станеме членка на НАТО. Не постоеше состанок, средба, со претставник на НАТО или на членка на Алијансата, а да не биде споменат вашиот придонес, да не биде споменато нашето знаме коешто се вееше долги години во Кабул и во сите други команди“, рече министерката Шекеринска .

 

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека политичката одлука да се испратат нашите војници во странство е секогаш една од најтешките дилеми, но дека од оваа перспектива, одлуката за учество во мисиите во Алијансата била вистинската.

 

Првиот командант на контингент на Армијата во ИСАФ, потполковникот Фето Бајрами порача дека духот, пожртвуваноста и заложбите на припадниците на Армијата да помогнат во изградбата на мирот во Авганистан секогаш биле на највисоко ниво.

 

„Предизвикот дека ќе ја претставуваме нашата Армија, нашата држава, во тоа време аспирант за членство во НАТО Алијансата, беше огромен. Но, одлучноста во нас, пропратена со неизмерна работа, обука, извежбување, придонесоа за достојно трасирање на патот за идните генерации на наши колеги кои продолжија да бележат успеси во мисиите во Авганистан“, рече Бајрами.

 

Припадниците на Армијата учествуваат во мисиите на Алијансата во Авганистан, ИСАФ и „Одлучна поддршка“ од 2002 година. Во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ, на различни позиции и со различни задачи. Нашите војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови. Од 2015-тата година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата- наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500-тини припадници распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, во Командата на мисијата, со задача обезбедување на командата, во тим за советување во командата – Север, во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хируршки тим во норвешката Role-2 болница.

 

Во 19-годишното учество во Авганистан, Северна Македонија соработуваше со САД, СР Германија, Турција, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Чешка, Франција и земјите од САД – Јадранската повелба.