Пратеникот во Собранието на Република Македонија, воедно и генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски за време на посетата на Правниот факултет кој работи во состав на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола ја промовираше идејата за промена на седиштето на тој факултет од Кичево во Битола.
Кирацовски најави дека во македонскиот Парламент ќе поднесе предлог-закон со кој ќе се овозможи промена на седиштето и развој на Правниот факултет во Битола.
– Правниот факултет во Битола претставува дисперзирана испостава на Правниот факултет со седиште во Кичево, каде што токму во седиштето имаме негативен тренд на запишување студенти. Од друга страна фактите и аргументите покажуваат позитивен тренд на запишување на студенти и квалитет во Битола. Исто така имаме и голем број институции, Основен и Апелационен суд, Основно и Вишо јавно обвинителство, 146 регистрирани адвокати и адвокатски друштва, седум извршители и 13 нотари, рече тој.
Додаде дека во градот има и голем голем број институции, приватни комапнии, невладини организации кои дополнително можат да бидат дел од развојот на овој факултет и развој на студентите.
– Токму овие аргументи налагаат промена на седиштето на овој факултет, наместо во Кичево да биде во Битола со што ќе се зголеми атрактивноста од една страна, од друга страна преку низа други мерки и активности ќе се обезбеди долготрајност и одржливост на истиот. Токму затоа јас како пратеник, во Собранието најскоро ќе поднесам предлог-закон со којшто ќе барам промена и поддршка од колегите пратеници за промена на седиштето на факултетот, наместо да биде во Кичево, да биде во Битола, истакна Кирацовски.
Пратеникот Кирацовски заедно со претставници на академската заедница од Битола, здружението на адвокати и институции и организации денеска во Битола учествуваа на јавната трибина на тема „Правниот факултет меѓу традицијата и современите предизвици“.