Во Штип отворен Почесен конзулат на Унгарија и бизнис форум

Министрите за надворешни работи и економија, Бујар Османи и Крешник Бектеши, како и министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто денеска во Штип официјално го отворија почесниот конзулат, а за почесен конзул е назначена претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска.

Османи, Бектеши и Сијарто беа дел и од отварањето на македонско-унгарскиот бизнис форум.

Во своето обраќање, министерот Османи нагласи дека со отворањето на овој почесен конзулат, кој како подрачје на покривање го има целиот источен регион на земјава ќе се овозможи голем економски потенцијал и за унгарските инвеститори, но и потенцијал за домашните извозно ориентирани бизниси да ги искористат можностите на големиот унгарски пазар. Во оваа прилика упати честитки и за новоименуваниот почесен конзул, Данела Арсовска, за која како актуелен и долгогодишен предводник на ССК, оваа функција ќе биде предизвик преку кој ќе создаде услови за фелата од каде доаѓа, за бизнисите во земјава, како и за искористување на исклучително блиските односи со Унгарија.

-Уверен сум дека ние како политичари, нешто за кое со колегата Сијарто секогаш сме согласни, е дека мора да обезбедиме повеќе простор за развој на бизнисот, за прилив на нови странски инвестиции, за повеќе пазари за постојните бизниси, повеќе работни места, поголеми примања и сѐ она што преставува зголемување на економската активност и пред сѐ унапредување на економскиот стандард во најширока смисла на зборот, истакна Османи.

Министерот за економија, Бектеши пред македонските и унгарските стопанственици ги презентираше економските приоритети на Владата и поволностите за инвестирање во земјата со цел, како што напомена, достигнување и одржување повисок економски раст и зголемување на стандардот на населението.

-Минатиот месец Владата усвои Интервентен инвестициски план (ИПИ 2021-2027), со кој се предвидени инвестиции во вредност од 8 милијарди евра. Планот содржи јавни и приватни инвестиции кои се во согласност со сегашните и идните стратегии за економски раст на земјата. Од овие средства 5 милијарди и 791 милион евра се јавни инвестиции додека две милијарди и 384 милиони евра се планирани приватни инвестиции, рече Бектеши.

Според него, Владата на транспарентен начин на заинтересираните домашни и странски инвеститори им обезбедува услови за непречено реализирање на инвестициските проекти преку Планот за економски раст донесен во 2017 година.

Министерот на крај ги повика унгарските инвестирори кои беа присутни на бизнис форумот да дојдат да инвестираат во Северна Македонија за што ќе имаат безрезервна поддршка од Министерството за економија и Владата.

Во рамки на бизнис форумот министерите Бектеши и Османи остварија  билатерална средба со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петар Сијарто.

Пршан зошто токму Штип е избрано како седиште на новиот почесен конзулат на Унгарија, Сијарто со одговор дека препорката ја дал Османи.

-Унгарија веќе има два конзулата отворени во западниот дел на Република Северна Македонија. И кога го прашав министерот како би можеле тука да направиме една рамнотежа, тој ми го предложи Штип. И сега сме тука во источниот дел од државата на крстопатот на трговските патишта, рече Сијарто.

Новиот почесен конзул на Унгарија, Даниела Арсовска изрази очекување дека меѓу двете земји ќе се зголеми трговската размена, како и дека ќе се интензивира соработката меѓу компаниите.