Важно е да се забрза пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, изјавил заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер, на видео конференција за евроатлантската интеграција на Балканот, во организација на грчката непрофитна организација „Грик Хаус Давос“ (Greek House Davos) .
Како што јави денеска Гласот на Америка, Палмер истакнал дека САД целат кон мирен, стабилен и просперитен Западен Балкан во ЕУ и дека САД и ЕУ се партнери во промоција на стабилност и борба против корупцијата во регионот.
–Метју Палмер го истакна значењето од подобрување на односите меѓу Србија и Косово, и забрзување на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, соопшти грчката непрофитна организација, нагласувајќи дека Палмер го истакнал и значењето на Грција како регионален играч, но, и во поширокиот регион на Медитеранот.
На тркалезната маса, покрај други регионални лидери и амбасадори, учествувал и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, кој потенцирал дека нема друга иднина за регионот од европската. На тркалезната маса учестввал и косовскиот премиер Албин Курти кој ја пофалил грчката демократија.
Учесниците разговарале и за потребата од зголемена политичка одговорност по пандемијата, преку заштита на независноста на судските системи и зголемено учество на млади во политиката.