Во просториите на Civic Theatre во Хрствил (предградие на Сиднеј) се одржатретата традиционална Гала вечер посветена на театарската уметност при што се доделија престижните награди Александар Македонски. Театарот беше премал да ги прими сите заинтересирани и повеќе лица целата програма ја следеа без седишта. Гала вечерта официјално ја отвори амбасадорот на Република Македонија во Австралија, неговата екселенција Веле Трпевски. За најдобра актерка прогласена Валентина Апостоловска, а за најдобар актер Зоран Гулабоски.
Во еден убав на високо ниво амбиент и богата програма Австралиско македонскиот театар од Сиднеј по трет пат ја организира својата традиционална Гала вечер при што за присутните изнесе богата програма со драмски-сценски и музички изведби преку кои ги промовира културните достигнувања на Македонците во Австралија и го возвиши името на Александар Македонски со доделувањето на награди за глума и сценска уметност.
Вечерта започна со прикажување на монодрамата Каменот од Роби од Душан Ристевски,а истата посветена на децата бегалци (избркани) од поробениот егејски дел на Македонија. Главната улога ја толкуваше Валентина Апостоловска, во придружба на Антонио Нешковски, а во режија на Стефо Нанцу, а сценски техничар за ефектите беше Никола Апостоловски. Оваа година се навршуваат 70 години од егзодусот на децата и Театарот успешно на сцена постави дело да не потсети дека геноцидот врз Македонците и понатаму продолжува не само во егејскиот туку и во сите поробени делови на Македонија.
Се дадоа и три кратки комични сценски изведби: Шекира-слепата гледачка толкувана од Гордана Милошевска, Васко Србиновски и Душан Ристевски, Ѓурѓа има запек толкувана од Јаворка Котевска и Владо Сазданов, и Шекира против Европа толкувана од Гордана Милошевска и Татјана Нешковска. Овие изведби ја насмеа публиката до солзи.
Промоција на најновите ДВД од драмите Изненадувачка забава и Сонце мое направи Омер Зекировски, познат македонски режисер и продуцент кој со пофални зборови ги отцени драмските продукции.
Театарот додели награди за уметност и култура под името Александар Македонски, за врвно културно остварување и промовирање на македонската култура и нација во Австралија. За промовирање на македонскиот јазик и култура доби Иван Трпоски, познат писател и новинар кој скоро 40 години активно работи во Литературното друштво „Григор Прличев“. Исто така награда Александар Македонски доби и МПЦО Св Димитрија Солунски од Волонгонг, една од најактивните општини во Австралија која за последните 45 години активно ги негува и промовира македонскиот јазик, религија, спорт, фолклор и култура во Австралија. Ова награда ја прими претседателот на Општината, Љупчо Стефановски.Наградите Александар Македонски за театар и театарска уметност ги добија:
Наградата за најдобар дебитант и припадна на Стефани Тодоровски за улогата на Кристина во Изненадувачка забава. Најдобрата женска придружна улога и припадна на Татјана Нешковска во улогата на Ребека во Сонце мое. Најдобра машка придружна улога доби Васко Србиновски за улогата на Дедо Борис во Изненадувачка забава. Најдобрата женска улога и припадна на Валентина Апостоловска за улогата на Неда во Неда, а наградата за најдобра машка улога му припадна на Зоран Гулабоски за улогата на Лу во Изненадувачка забава. Наградата по избор на публиката ја доби Антонио Нешковски за улогата на Кирил во Изненадувачка забава. Исто Театарот додели и награда за животно дело, а ова награда се додели од членовите на самиот Театар за врвно достигнување во театарската уметност. Ова награда ја доби Стефо Нанцу кој во Театарот членува осум години, а со глума и режија се занимава 35 години. Исто така им се доделија благодарници на покровителите и помагателите кои го помагаат и промовираат театарот.
За неградите одлучуваше Жири комисија составена од видните културни и филмски работници од македонската заедница: Тони Радевски, Радица Бојковска и Иван Трпоски, а наградите беа врачени од: Иван Трпоски, Радица Бојковска, Ан Марие Вајлс, Виктор Бивел, амбасадорот Веле Трпевски, конзулот Драган Богдановски, Васко Србиновски и Валентина Апостоловска.
Вредно е да се напомене дека Гала вечерта беше отворена и затворена со ансамблот Илинден кои се преставија со песни од Егејска Македонија во интерпретација на младата Сандра Митров. Водител на програмата беше Џашуа Шерман кој на крајот забележа дека театарот за оваа година ќе ја припреми драмата Последниот Македонец. За техничкиот дел на програмата се погрижи Никола Апостоловски.
Секако нема подобро преставување на македонската уметност и култура доколку нема македонска традиционална закуска подготвена од вредните раце на Македонките, членови во Театарот.
Честитки до сите оние кои ги добија овогодишните награди и честитки до целиот театарски тим што така возвишено ја преставуваат македонската култура посебно театарската уметност во Австралија.
Иван Трпоски