Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во рамките на агендата на денешната работна посета на Република Бугарија се сретна и со претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП) Корнелија Нинова.
На средбата на која учествуваше и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, премиерот Заев и претседателката на БСП Нинова се согласија дека преговорите на Северна Македонија со Европската Унија мора да почнат час поскоро и дека секоја поддршка во оваа насока е од исклучителна важност.
Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров за време на разговорот потенцираа дека влогот за остварување на оваа цел е голем и македонската владина делегација е во Софија со искрени и чесни намери, да се направи заеднички исчекор кон решение за што постојат сериозни услови истото да се обезбеди во периодот што претстои.
За време на разговорот претседателката на БСП Нинова го поздрави проактивниот и искрен пристап на премиерот Заев со цел да се обезбеди исчекор кон решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и дека тоа е од суштинска важност за стабилноста на регионот Западен Балкан.
Заев и Нинова на средбата се согласија дека Северна Македонија и Бугарија имаат и желба и капацитети за европско лидерство во однос на изнаоѓање заедничко прифатливо решение за отворените прашања и дека во таа насока од огромна помош можат да бидат и заедничките вредности на БСП и СДСМ како сестрински партии.