Маричиќ на состанок во хрватската Академија за обука судии и обвинители

Министерот за правда Бојан Маричиќ на првиот ден на работната посета на Загреб ја посети хрватската Академија за обука на судии и јавни обвинители.

Како што соопштија од Министерството за правда, со првите луѓе на Академијата разменија искуства во однос на функционирањето на двете институции. Министерот Маричиќ истакна дека Академијата за судии и обвинители кај нас е единствена влезна точна во правосудниот систем и како таков претставува клучна институција на која ѝ се посветуваат време и внимание.

Министерот за правда посетата на Хрватска ја продолжува со билатерална средба со хрватскиот министер за правда и администрација Иван Маленица. Двајцата министри ќе разговараат за продлабочување на меѓусебната соработка во областа правда, како и пренесувања на искуствата на Хрватска во однос на водењето претпристапни преговори за членство во ЕУ.