Пендаровски: Борбата против тероризмот мора да биде сеопфатна, меѓусекторска и системска

 Претседателот Стево Пендаровски денеска преку видео порака се обрати на регионалниот форум „Непрофитни организации и проценка на ризик – ангажман и научени лекции за ефикасна имплементација“. Организатори на форумот се Управата за финансиско разузнавање при Министерството за финансии и Европски центар за непрофитно право и здружението Конект, а се одржува по повод презентацијата на Извештајот за спроведена проценка за ризикот од финансирање на тероризмот за непрофитните организации во земјава. 

Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, оцени дека извештајот е многу важен за нас, како сет на добри практики препознаени на меѓународно ниво коишто претставуваат одлична шанса за размена на искуства и знаење. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека следната година Манивал ќе спроведе ригорозна проценка на целокупниот државен систем и неговата подготвеност да ги препознава ризиците за перењето пари.

-Овој Извештај за спроведена проценка за ризикот од финансирање на тероризам за непрофитните организации во нашата земја влева надеж дека со имплементација на препораките ќе го направиме системот посилен и поподготвен да се справува со заканата од тероризам и нелегалните извори за негово финансирање, рече претседателот Пендаровски, додавајќи дека на тој начин ќе ја зајакнеме довербата на граѓаните и на нашите европски партнери во капацитетот и интегритетот на надлежните домашни институции како клучни носители на концептот на добро владеење.

Пендаровски, како што се наведува, ја нагласи потребата од механизми за рано препознавање на финансирањето на тероризмот од страна на организациите што се кријат зад формалните имиња од невладиниот сектор. 

-Македонската јавност треба да биде соодветно информирана и едуцирана во врска со дејствувањето на непрофитните организации, кои пак, треба и самите да ги зајакнат сопствените капацитети за препознавање на ризиците кои произлегуваат од перењето пари и финансирањето тероризам, додаде претседателот Пендаровски.

Според претседателот Пендаровски, борбата против тероризмот мора да биде сеопфатна, меѓусекторска и системска. – Мора да ги јакнеме нашите сегашни капацитети и да ја градиме отпорноста на нашите безбедносни, но, и финансиски системи кон потенцијалните терористички напади“, подвлече претседателот Пендаровски, нагласувајќи дека тоа е наша обврска, не само како земја-членка на НАТО алијансата и како кандидат за членство во Европската Унија, туку како наш државен приоритет, рече Пендаровски.