Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими директорот на Секретаријатот на Транспортната заедница на ЈИЕ, Матеј Закоњшек.
На средбата, како што соопштија од Кабинетот на претседателот, се разговарало за интегрирањето на земјите од Западен Балкан во транспортниот пазар на ЕУ, за што е неопходно спроведување на реформи и усвојување на правото на ЕУ.
Директорот Закоњшек го информирал претседателот Пендаровски за работата на Секретаријатот на Транспортната заедница на ЈИЕ и за сегментите што се поврзани со транспорт и мобилност, како безбедност на патиштата, инвестиции и реформи во патишта и железници, како и олеснување на трговијата. Како една од клучните активности, тој го посочил воведувањето на Зелените коридори во земјите од Западен Балкан за време на пандемијата на Ковид-19, со цел олеснување на протокот на стоки клучни за справување со пандемијата и ги образложи напорите овој концепт да се прошири и на границите со земјите од ЕУ.
Претседателот Пендаровски на средбата истакнал дека Република Северна Македонија е целосно посветена на исполнување на европската агенда и нагласил дека инвестирањето во квалитетен и ефикасен транспортен систем е од голема важност, како за развој на економијата, така и за повисок квалитет на животот на граѓаните.
На средбата, наведуваат, се разговарало и за економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан и вклученоста на оваа меѓународна организација во процесот на проверка на апликациите што се поднесуваат од регионалните партнери во насока на подобрување и доизградба на трансевропските коридори, кои се протегаат низ земјите од регионот.