Познатиот манастир посветен на светецот Јован Владимир во албанскиот град Елбасан, каде што живеат голем број Македонци, денеска го одбележува својот патрон.
На одбележувањето заедно со верниците беше и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција и пратеник во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски.
– Тука во Елбасан по повод овој ден пред пандемијата со Ковид-19 имаше големо присуство на верници и од Македонија, но, минатата и оваа година, верниците од Македонија, како и од други делови на Албанија се во многу помал број. Нека е за многу години. Се надевам дека ќе го победиме невидливиот непријател и до година ќе не има многу повеќе, изјави Стерјовски.
Тој ја разгледа и изложбата на копии од икони со ликот на светецот чии оригинали може да се видат во божји храмови во повеќе балкански земји. Изложбата е отворена во дворот на манастирот, а ја организираше Здружението на Црногорците, со седиште во Елбасан.
Во април во манастирот беше одржана и церемонија и положување на моштите на Св. Јован Владимир кои дотогаш се чуваа во Националниот историски музеј во Тирана. На церемонијата тогаш присутвуваа премиерот Еди Рама и министерката за култура, Елва Маргарити и неговото преосвештенство Андониј, митрополит на Елбасан, Шпат и Либражд.
-Дојдовме да завршиме процес на обврска кој заедно го започнавме многу одамна, и предавањето на моштите од Св. Јован Владимир, за кои откривме дека се наоѓаат во нашиот музејски фонд во Тирана. Тоа е симболичен гест, бидејќи отсекогаш сме биле горди на верскиот соживот и целата интеракција што ја има државата со заедницата, но и со почит кон култните светињи и оваа соработка на релација држава-верски заедници ќе продолжи и понатаму, изјави тогаш министерката Маргарити.
Светиот великомаченик Јован Владимир, кој бил зет на македонскиот цар Самуил за неговата ќерка Теодора Косара се здобил со силен култ во Западна Македонија. На иконите и фреските во цркви е насликан како ја држи сопствената глава во рацете. Тој бил владетел (кнез) на Дукља и во еден период како поддржувач на Византија влегол во судир со царот Самуил при што бил заробен. Додека бил во затвор во него се вљубила Самуиловата ќерка Теодора Косара по што се оженил со неа и е вратен да владее со Дукља, како вазал на Самуил. Бил убиен на 22 мај 1016 година во Преспа и погребан во манастирот пред кој загинал. Брзо се расчуло дека молитвите пред неговиот гроб можат да исцелуваат многу болести и тој култ бил толку распространет што набргу потоа бил признаен за светец и маченик и прогласен за светец од Православната црква. Постојат многу легенди и култни приказни поврзани со неговото име. Негови мошти денес се чуваат во манастирот во Елбасан, во православната Соборна црква во Тирана, на Света Гора и во црквата „Свети Никола Болнички“ во Охрид.