УНЕСКО го потврди Извештајот со препораката Охрид и Охридското Езеро да бидат ставени на Листата загрозени светски вредности

Слабостите нотирани од УНЕСКО за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација резултираа Охридскиот регион да ги исполни критериумите да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.

УНЕСКО го објави Извештајот по однос реактивната Мониторинг-мисија од 2017 година, што државните институции дури и одбиваа да го коментираат. При објавувањето на нацрт-верзијата тогашниот став на институциите и државата беше дека се работи на подготовка на заеднички одговор од сите засегнати страни како државни институции, министерства, локални самоуправи. Најавено беше дека до Националната канцеларија на УНЕСКО ќе бидат доставени ажурирани информации за степенот на реализација на спроведените препораки и одлуките на УНЕСКО од Реактивната мониторинг-мисија од 2020 година.

Спротивно очекувањата и оптимистичките најави дека се работи за нацрт-верзија односно дека документот може да биде изменет откако ќе бидат образложени зафатите што биле преземени во насока на исполнување на дел од забелешките, Извештајот на УНЕСКО е целосно идентичен на нацрт-верзијата што на почетокот на годинава беше доставен до институциите.

Обемниот Извештај на УНЕСКО на 125 страници ја отсликува ситуацијата на терен, со сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки, неостварени ветувања за подобрување. Извештајот и во финалната верзија е критички, реален, но пред се неповолен така што останува препораката Охридскиот регион да биде поместен на Листата загрозени светски природни и културни богатства.

Епилогот од цврстиот став на УНЕСКО е извесен, издржана е намерата Охрид и езерото да бидат поместени на листата светски вредности во опасност. Тоа не значи нивно бришење од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот. Дел од експертите се уште се на став дека можеби тоа е вистинскиот начин што ќе отвори повеќе можности државата, институциите, градот да добијат помош, искуства и механизми на Светската организација во наредните активности за надминување на проблемите што впрочем и доведоа до сегашната состојба.