Актуелните правила и протоколи за влез во Грција продолжени до 7 јуни

Правилата и протоколите за влез во Грција воведени на 14 мај, кои меѓу другото важат и за македонските државјани, продолжени се до 7 јуни 2021 година, согласно новата министерска одлука објавена во Службен весник, јави дописничката на МИА од Атина.

Северна Македонија и понатаму е меѓу земјите за кои постои исклучок од забраната за патување во Грција за државјани на трети земји, а непроменети се и задолжителните потврди за влез, односно или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19, како и пополнет PLF формулар.

Паралелно, истите правила и рестрикции што важат и за грчките државјани, важат и за странските туристи, како што се задолжителна употреба на маска и на отворено и на затворено, забрана за движење по 00.30 часот, поради полицискиот час, задолжително одржување дистанца итн.

Кон Северна Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време.

Во посебен член од министерската одлука, детално се опишани предусловите и неопходните документи за влез во Грција.

Сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат, а се поврзани со Ковид-19.

Поконкретно, како што пренесува МИА, првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Втората опција е со негативен ПЦР тест, направен во последните 72 часа пред патувањето, во одобрена од државата на потекло, приватна или државна лабораторија и да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

Освен двете опции, алтернативно, како што пишува во министерската одлука, посетителите на Грција, може да достават потврда за прележана болест или позитивен резултат од ПЦР или антигенски (брз) тест што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот издаден од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Конкретниот став од членот за условите за патување важи за сите лица со наполнети пет години.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања со брзи тестови, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам .

Доколку бидат тестираат, ќе треба да ги почекаат резултатите, а во случај на позитивен тест, ќе бидат во 14-дневен карантин.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form),  преку интернет страницата https://travel.gov. gr, што треба да биде пополнет пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

 

Согласно министерската одлука, продолжена е забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а исклучок освен за Северна Македонија има и за Австралија, Обединетите арапски емирати, САД, Велика Британија, Израел, Канада, Белорусија, Бахреин, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Катар, Кина, Кувајт, Украина, Руанда, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Тајланд, а од утре, на оваа листа додадени се и државјаните на Босна и Херцеговина.

Во министерската одлука, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција мора да ги почитуваат мерките и рестрикциите што важат во земјата.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, потпишана од надлежните министри, како што пренесе МИА, веќе е објавена во Службен весник на Грција, стапува во сила утре, во 6 часот наутро, а ќе важи до 7 јуни 2021 година.