Вистинска чест е да ја добијам оваа лична покана која ја прифатив со огромно задоволство, бидејќи можноста да соработувам одблиску со колегите од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), кои се ценети мислители и креатори на глобални одлуки е голема привилегија, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров по повод поканата од копретседавачите на ЕЦФР, со која стана официјален член на оваа водечка меѓународна тинк-тенк организација посветена на европската надворешна и безбедносна политика.
По тој повод, вицепремиерот Димитров денеска во Скопје се сретна со заменик-директорката на ЕЦФР и раководителка на канцеларијата во Софија, Весела Чернева, со која разговараше за неговата улога како член во Советот и оптимизирање на можностите за соработка.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Димитров се заблагодари за честа да се приклучи на престижниот ЕЦФР и изрази уверување дека ќе работи посветено за да придонесе кон исполнување на мисијата на оваа уникатна платформа за поврзување на убедените Европејци.
– Верувам дека моите и лични и професионални цели, вредности и принципи се усогласени со оние на ЕЦФР, насочени кон создавање подобра, посигурна, побезбедна Европа за доброто на сите граѓани. Особено во време кога се соочуваме со сериозни глобални предизвици и настани кои менуваат светски текови и ги преиспитуваат столбовите на меѓународниот поредок, изјави Димиторв.
Во име на ЕЦФР и од свое лично име, Чернева го пренесе задоволството за прифаќањето на поканата за вклучување на Димитров во Советот и нагласи дека е прилика за заедничко делување во насока на зацврстување на вредностите на меѓународниот поредок, но и зближување на Европа и застапување на европската иднина на Западниот Балкан.
– Преку членството во Советот на ЕЦФР кое се надоврзува на неговите професионални ангажмани, вицепремиерот Димитров ќе продолжи да се залага за европската иднина на Западниот Балкан, се додава во соопштението на СЕП.
ЕЦФР ги обединува најистакнатите високи претставници и експерти од областа на надворешната политика, во стратешки ориентирана пан-европска заедница посветена на развивање политики засновани на вредности, унапредување на стабилноста и сигурноста на Европа. Актуелни претседавачи на Советот се Карл Билд, поранешен шведски премиер и специјален претставник во мисии на ОН и ЕУ, д-р Лик Фрајс, директорка на данскиот тинк-тенк Европа и Норберт Ротген, германски пратеник и претседател на Комитетот за надворешни работи на Бундестагот.