Пендаровски на аудиенција кај папата Франциск

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Ватикан имаше аудиенција кај папата Франциск. Како што објави шефот на државата на Фејсбук, потврдено е искреното пријателство и длабоките врски меѓу Светата Столица и Република Северна Македонија.

– Добивме поддршка и благослов да продолжиме посветено да работиме за мир, среќа и благосостојба на сите наши граѓани. Врз темелите на бесмртното дело на Светите Кирил и Методиј, со заштитниците на Европа и понатаму ревносно да градиме заедничка просперитетна иднина, напиша Пендаровски по средбата со папата Франциски.

Тој му заблагодарил на папата за историската посета на земјава, што претставува огромно признание за нас.

На аудиенција кај папата Франциск, претседателот Пендаровски му подари дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име.

– Папата Франциск прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој ќе настапат нашите најдобри фудбалери на претстојното #EURO2021. Нека донесе среќа, нови успеси и победи на претстојното европско првенство, наведува Пендаровски на ФБ.