Мнозинството српски медиуми денеска како главна вест ја соопштија одлуката на македонската влада за ослободувањето од плаќање патарина на коридорот 10 од 15 јуни до 15 август, а „Политика“ излезе со текст за „своевиден медицински туризам“ на српските државјани, со вадењето ПЦР тестови во Северна Македонија за одмор во Грција, јави дописникот на МИА од Белград.
-Овие денови социјалните мрежи се преполни со огласи за сместување и поевтино тестирање во Северна Македонија, каде веќе се има сериозно развиено медицинскиот туризам, а акредитираните лаборотории се натпреваруваат која ќе понуди поповолна цена за ПЦР и останатите тестови, пишува „Политика“.
Цената на ПЦР тестот во Србија е 76 евра, во С Македонија тој за едно лице чини 35 евра, за две со попуст изнесува 30 евра, а постои и услуга ВИП тест кој чини 70 евра со добивање резултат за помалку од еден час, наведува „Политика“, додавајќи дека брзиот антигенски тест чини 16, а за антитела 20 евра по лице.
-Туристите од Србија кои деновиве патуваа за Грција кажуваат дека многумина отседнуваат една ноќ во Македонија за да ја соберат потребната документација…, а на интернет се наоѓаат и огласи на хотели кои нудат тестирање без одење во лабораторија. Еден од нив од Гевгелија нуди услуга ноќевање и тестирање за 40 евра, пишува „Политика“.
Во РСМ постои можност и за беспалтен тест за сите патници што патуваат во странство поради леќење и други медицински потреби, наведува весникот.
Во текстовите поврзани со Северна Македонија е и изјавата на министерката за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ дека од 1 јули цените на телефонирањето без плаќање на роаминг ќе важат исто во Србија Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Албанија, како и дека на 1 јули за граѓаните на Србија се укинува плаќањето на роаминг во Грција.