Бугарија е отворена за активен, отворен и целосен дијалог со Република Северна Македонија, изјави денеска бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев на прес-конференција по средбата со неговиот португалски колега Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји во Софија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стоев изјави дека очекува „соседите во регионот“ да работат во дух на искреност и конструктивност, нагласувајќи дека постои целосен континуитет во бугарската политика во однос на Северна Македонија и дека за Бугарија останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се спроведува Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година.
– Бугарија останува доследна во поддршката за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, истовремено почитувајќи го критериумот за индивидуалните достигнувања на секоја земја и почитувајќи ги основните вредности на заедницата, како што е добрососедство, изјави Стоев.
Тој изрази подготвеност да се сретне со неговиот македонски колега Бујар Османи, со цел, како што рече, да разговара за иницијативите што може да ги преземе сегашната бугарска техничка Влада.
– За нас одржувањето на добрососедските односи и добивањето на потребните гаранции за спроведување на Договорот од 2017 година е од клучно значење. Ние продолжуваме да правиме напори за враќање на довербата во нашите односи со Република Северна Македонија. Наша цел е да преземеме конкретни чекори за враќање на дијалогот со Скопје, вклучително и на највисоко ниво, што ќе обезбеди основа идната редовна Влада да ги врати нашите односи на нивото што треба да поврзе едни две блиски земји, рече Стоев.
Тој изјави дека се надева оти Бугарија и Северна Македонија ќе работат заедно за да се најде одржливо и трајно решение за отворените прашања во меѓусебните односи.
Шефот на португалската дипломатија Силва, од своја страна, нагласи дека Европската комисија било важно да се сретне со премиерот, претседателот и министерот за надворешни работи на Бугарија.
Силва се заблагодари за, како што рече, „срдечниот пречек во Софија“ и за посветеноста на Бугарија кон процесот на проширување на ЕУ, тема која што исто така е важна португалското претседателство со Советот на Европската Унија.
Тој потенцира дека во моментов има два процеси на проширување – започнување на следните меѓувладини конференции за Црна Гора, како и за Албанија и Северна Македонија.
– Сега беше време да имаме директни консултации во Софија со Бугарија. Тие ќе бидат од големо значење за тековниот процес, додаде Силва.
Еврокомесарот Вархеји изјави дека претстои многу работа и дека било важно да го слушнат мислењето на Бугарија, бидејќи земјата е предводник во промовирањето на политика на проширување ЕУ со земјите од Западен Балкан.
– Ние сме тука со цел заедно со Бугарија да одлучиме кои ќе бидат следните чекори. Се наоѓаме на важен крстопат за да видиме како можеме заедно да одиме напред, додаде Вархеји.