По наредба на министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев, денеска е повикана на разговор амбасадорката на Република Хрватска во Софија, Јасна Огњановац. Како што јави дописникот на МИА од Софија, таа била примена од генералниот директор за европски прашања, Румен Александров. Причината за разговорот е изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по Самитот на Словенија и Хрватска со земјите од Западен Балкан, одржан на 17 мај 2021 година во Бардо кај Крањ, во кој тој остро ја нападна политиката на Бугарија кон евроинтеграција на Република Северна Македонија.
Пред амбасадорката Огњановац, генералниот директор ја опиша изјавата на претседателот Милановиќ како неприфатлива и неоправдана, што е разочарувачко со оглед на не само одличниот билатерален дијалог меѓу Софија и Загреб и едногласноста на низа теми од европската и регионалната агенда, но и фактот дека соседите на регионот, Бугарија и Хрватска се природно поврзани со заедничкиот интерес за реформа, стабилизирање и наскоро интегрирање во ЕУ земјите од Западен Балкан.
Како одговор на барањето за појаснување на причината за изјавата на претседателот Милановиќ, амбасадорката Огњановац се обврза да му го пренесе на Загреб ставот изразен од Бугарија, истакнувајќи ја потребата од соработка меѓу Бугарија и Хрватска со цел да се обезбеди стабилност на регионот на Западен Балкан и нејзината Европска перспектива.