Димитров за грчкиот весник „Та Неа”: Соработката е инвестиција во стабилноста

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров е уверен во, како што вели, историското значење на Преспанскиот договор бидејќи отвори можност за соработка меѓу двете држави, што е инвестиција во стабилноста.
 
Ние сме соседи и верувам дека долгорочно е многу важно соседите да ти се пријатели и поддржувачи. Се отклучи нашиот влез во НАТО, што е важно и ѝ дава сила на нашата земја, во еден регион што не е сосема „среден“. Тоа беше и еден чекор кон нашите преговори со ЕУ. Се отвори нова страница за соработка. Сега премиерите Заев и Мицотакис разговараа за големи проекти особено во областа на енергијата. Грција е многу важен трговски партнер и во Северна Македонија имаме големи грчки инвестиции. Уверен сум дека Договорот беше историски. Ќе бидат потребни години со цел да ја увидиме потребната историска дистанца за да го утврдиме неговото историско значење. Но, историјата ќе покаже дека бевме во право. Немам никаква дилема во тоа. Обично кога зборуваме за Преспанскиот договор се мисли на решавањето на проблемот со името. Но, договорот има и друга димензија што се однесува на јакнењето на соработката во сите области. И тоа беше инвестиција во стабилноста на регионот, вели Димитров во интервју за вчерашното издание на грчкиот дневен весник „Та Неа“.
Вицепремиерот во интервјуто нагласува дека е многу важно знамето на Европската Унија да го опфати и Западниот Балкан, бидејќи тоа е прашање на заокружување на процесот на обединување на Европа.
-Не мислам дека Европа може да биде обединета без еден регион кој е во рамки на нејзините граници. Луѓето во Западна Европа обично кога зборуваат за Западниот Балкан сметаат дека тоа е регион што се граничи со Европа, но во реалноста тоа е регион што е опкружен со земји-членки на ЕУ. Нашата географија, нашата економија е дел од Европа. И Западниот Балкан и Европа ќе бидат подобри ако знамето на ЕУ го покрие и овој регион. Имаме заеднички интереси во областа на безбедноста и тоа не се ограничува само на безбедноста на Балканот, туку и на безбедносните ризици во Европа, потенцира тој.
Во тој контекст, тој се осврнува и на важноста на европската перспектива на Северна Македонија, која, како што вели, е тест за кредибилитетот на ЕУ.
-Нашиот случај е особено индикативен. Едно дете што се родило во мојата земја, сегашна Северна Македонија, кога ја потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација, денес има 20 години. Ние сме земја-кандидат 16 години. Се движиме во вистинскиот правец, сакаме да бидеме динамична европска демократија со просперитетна економија. Инвестиравме време, спроведовме реформи, покажавме посветеност и решителност во решавањето на тешки проблеми и ја издигнавме демократијата. Случајот на Северна Македонија претставува тест за ЕУ и ако наскоро немаме позитивен развој, ќе се доведе во прашање кредибилитетот на ЕУ, вели вицепремиерот за европски прашања.
Осврнувајќи се на блокадата од Бугарија, Димитров посочи дека надминувањето на овие прашања е многу битно и за двете држави, конечно и за самата ЕУ.
-Она што го научив од Преспанскиот договор е дека преговорите ќе бидат успешни доколку и двата соседи се победници. И мислам дека правиме сѐ што можеме за да го постигнеме тоа и со Бугарија. Имаме разлики. Некои од прашањата што ги поставува Бугарија не се целосно во склад со европските вредности. Јас сум сосема уверен дека ќе има успех и за Северна Македонија и за Бугарија и за ЕУ, вели Димитров во интервјуто.
Коментирајќи го неодамнешниот нон-пејпер за промена на границите на Балканот, тој укажува дека секое бледнеење на европската визија за овој регион, раѓа компетитивни визии за иднината, поради што ЕУ мора одлучно да дејствува.
-Овој таканаречен нон-пејпер предизвика дискусија што ја сметам за опасна. Визијата за Балканот треба да биде европска каде границите сѐ помалку имаат значење. Сметам дека на регионот не му требаат поголеми држави туку величествени европски демократии и економии. Ваквите агенди јакнат затоа што слабее европската идеја за обединет европски Балкан во обединета Европа. Јас  се обидувам да го активирам „ѕвоното на опасноста”. Време е да се активираме. При секоја посета на Грција се обидувам да научам еден грчки збор. При првите посети беше „пријателство“, потоа „спогодба“, па „спокој (мир)“, па „визија“, а овојпат е „сега“. Сега е време“ да се придвижиме започнувајќи го европскиот пат на Северна Македонија и Албанија, вели вицепремиерот.
Интервјуто на вицепремиерот Димитров за „Та Неа” е реализирано во рамки на неговото второ учество на Економскиот форум Делфи, што оваа година заради пандемијата наместо во Делфи се одржа во Атина, во периодот од 10 до 15 мај.