Ројтерс денеска објави дека премиерот Зоран Заев изјавил оти Македонија понудила четири опции за решавање на долгогодишниот спор со Грција околу името, а македонската Влада ја демантира оваа информација.
Предлозите, кои според Ројтерс ги навел Заев се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардар Македонија и Република Македонија (Скопје).
Владата укажува на погрешна интепретација во воведот на веста на Агенцијата за интервјуто со премиерот Заев, во која се наведува дека „Македонија предложила четири опции за решавање на деценисккото недоразбирање со Грција за името“.
– Јавноста во Македонија и во светот знае дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц, кој во име на ОН посредува во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција, се наведува во демантот на Владата.
Се додава дека тие предлози постојат, како што изјавил премиерот Заев, но тие не се предложени од страна на Република Македонија.
Заев, како што објави Ројтерс, нагласил дека останува прашањето дали постои реална потреба Македонија да го смени Уставот, нешто на што Грција инсистира изминатиот период, но Влада го појаснува и овој дел од пренесеното.
Во врска со деловите од интервјуто на премиерот Заев за Агенцијата Ројтерс преземено од страна на некои од македонските медиуми и во кои се пренсува дека „Република Македонија е подготвена да направи мали промени со името во Уставот“, кабиентот на Заев категорично тврди дека премиерот нема искажано таков став во интервјуто.
– Наместо тоа премеирот Заев на прашањето на новинариот на Ројтерс одговара дека РМ е подготвена да направи промена во врска со името, но не може да се оди предалкеу бидејќи тоа е многу тешко прашање, нагласи Владата.
Во продолжение на разговорот на оваа тема премиерот Заев додал „останува отворено прашање дали постои вистинска потреба за промена на Уставот, нешто што Грција го бара изминатите месеци“.