ЕУ е едногласна дека С.Македонија ги исполнува условите за преговори, останува да се надмине спорот со Бугарија

Вториот ден од посетата на македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев во Брисел потврди дека нема сомнеж во ниту една ЕУ институција дека Северна Македонија ги исполнува сите услови за формален почеток на преговорите. Македонската страна бара од Брисел засилен ангажман за да се реализира оваа цел, јави дописничката на МИА од Брисел.
По средбите со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во понеделникот, вчера премиерот Зоран Заев продолжи со средби со челниците на Европската Унија. Најзначајна беше онаа со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел.
Борел, кој претходниот ден изјави дека одвојувањето на Северна Македонија и Албанија не доаѓа предвид, оваа порака повторно ја упати и по средбата со премиерот Заев.
-Северна Македонија ги исполнува потребните услови и заслужува да премине на следната етапа, изјави Борел по средбата со Заев.
Шефот на европската дипломатија потсети дека Северна Македонија е една од двете земји кои најдолго чекаат пред вратите на ЕУ.
-Има силна поддршка за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија што поскоро. Знаеме дека чекате одамна, можеби 16 години, и сте втората земја што најдолго чека пред вратите на проширувањето, рече високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.
Борел додаде дека Северна Македонија може да смета на поддршката на Европската Унија за изнаоѓање решение за процесот на пристапување во ЕУ, како и во борбата против пандемијата од Ковид-19. Тој ја пофали државата и за нејзиниот висок степен на усогласеност со надворешната политика на ЕУ, нешто што, рече тој, се постигна во тешки услови.
Пофални зборови вчера пристигнаа и од Европската Комисија преку потпретседателот на оваа институција, Марош Шефчович.
– Нашата проценка не е сменета и ова беше јасно пренесено на средбата помеѓу претседателката фон дер Лајен и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, изјави Шефчович, додавајќи дека шефицата на Европската Комисија ги пофалила извонредните реформски напори на државата и изразила надеж дека ќе се тргне напред со С.Македонија.
Вториот човек на Европската Комисија истакна дека тие го имаат и поширокиот геополитички контекст на ум кога станува збор за Северна Македонија за која ЕУ е единствената стратешка опција.
-ЕУ перспективата претрпе штета со пандемијата од Ковид, рече Шефчович и изрази надеж дека после оваа прва тура вакцини донирани од ЕУ, ќе пристигне уште една.
Од страна на Советот исто така се охрабри јавноста дека се вложуваат максимални напори за да се оствари усвојувањето на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција пред крајот на јуни, кога завршува португалското претседавање со ЕУ.
-Португалското претседателство се обидува да турка за двете земји да започнат преговори во исто време и ќе продолжиме да го правиме тоа, ангажирани сме со сите релевантни власти за да видиме како претседателството може да ги поддржи преговорите и да ја свика првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија за време на нашето претседавање, изјави Ана Паула Закариаш, државна секретарка за европски прашања на Португалија, која вчера претседаваше со министерскиот состанок на ЕУ за општи работи, телото кое ја носи конечната одлука за одржување на Меѓувладината конференција.
Државната секретарка нагласи дека се водат разговори и со Скопје и со Софија за да се надмине блокадата на патот на Северна Македонија.
-Разговараме со релевантните македонски власти и со бугарските власти и даваме се од себе за да видиме дали постои можност за преговори до јуни, додаде Закариаш.
Заев од своја страна нагласи пред сите соговорници во Брисел дека преговори се прифатливи за Северна Македонија само под услов тие да не задираат во македонскиот идентитет и јазик. Впрочем, еден од условите на Северна Македонија е да стои „македонски јазик“ во самата преговарачка рамка која допрва треба да се усвои. Оваа рамка ги дефинира начелата на преговарачкиот процес помеѓу Скопје и Брисел и треба да биде усвоен, како од европска, така и од македонска страна.
 
-Осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во која било друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори, изјави вчера премиерот Заев.

Порачавме, рече Заев, јасно и гласно тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел и после можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина. 

Ние, како што посочи премиерот, имаме и гордост и сопствен идентитет. 

– Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту која било друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка, додаде Заев.  

Во посета на Скопје вчера беше и чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар, чија земја не прифаќа вметнување на идентитетските прашања во ЕУ процесот на проширување. Метнар вчера се сретна со неговата македонска колешка, Радмила Шекеринска и повтори дека неговата земја не ги поддржува историските барања на Бугарија.

-Чешката Република  го поддржува влезот на Северна Македонија во ЕУ, би сакале овој процес да се одвива со побрзо темпо. Со оглед на историските последици  понудив помош во комуникација и доколку има интерес би можеле да и помогнеме на Северна Македонија со наши искуства. Што се однесува на историските аспекти, Чешка исто така имаше проблеми со тоа. Ние ја поддржуваме Северна Македонија, не ги споделувам идеите за историската позиција на Бугарија. Посакувам што е можно побрз влез на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што членството во евроатлантските структури ќе обезбеди поширока безбедност на целиот регион, рече Метнар.
 
Премиерот Заев престојува во Шпанија по што ќе замине за Грција. Идната недела тој треба повторно да се врати во Брисел за регионална средба со лидерите на шесте земји на западен Балкан со Јосеп Борел.