ЕК не подготвува раздвојување на Северна Македонија и Албанија, според високи извори во ЕК

Во Европската Унија не се подготвува раздвојување на Северна Македонија и Албанија, кои очекуваат прва меѓувладина конференција и почеток на преговори, доколку Скопје и Софија не најдат заедничко решение, велат високи функционери на Европската Комисија, кои ги цитираат порталот Политико и дописникот на „Волстрит журнал“, јави Дојче веле.

Овие изјави следуваат по најавите на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за раздвојување на на двете земји на патот кон Унијата, доколку Скопје не најде решение со Софија. Еврокомесарот за време на кусиот престој во Скопје кога ги донесе првите вакцини против Ковид-19, финансирани од ЕУ, во врска со одвојувањето на Скопје и Тирана рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.

– Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји, посочи тогаш Вархеји. Истиот став го повтори и за Еуроњуз, нагласувајќи дека иако процесите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа  заедно, Брисел би можел да ги раздвои и да ги почне пристапните преговори со Тирана, доколку продолжи бугарската блокадата на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија.

Сепак овие негови изјави наидоа на реакции во самата Унија и покажаа дека ова не е единствен став на ниво на Унијата.

Дописникот на „Волстрит журнал“ од Брисел, Лоренс Норман, синоќа на Твитер, повикувајќи се на висок функционер на ЕУ, тврди дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската Комисија.

-Не подготвуваме раздвојување, велат од ЕК, напротив, Комисијата поддржува брзо отворање на преговорите со двете земји.

Бриселскиот портал Политико денеска повикувајќи се на висок функционер, објавува дека тој експлицитно ги демантира изјавите на Вархеји веднаш откако тој ја дал изјавата за Еуроњуз.

-Од Комисијата следуваше експлицитен одговор: Службите не подготвуваат никакво раздвојување, вели висок функционер, сугерирајќи дека унгарскиот комесар можеби е премногу добро поврзан дома, каде што поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, го доби она што Унгарија го нарекува азил, откако беше осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба, пишува Политико.