Министерот за економија, Крешник Бектеши, кој овие два дена престојуваше во Брисел на средби со еврокомесари, за МИА изјави дека го отворил прашањето за рестрикциите врз извоз на челик кои ЕУ ги изрече во 2018 и се уште се на сила, јави дописничката на МИА од Брисел.
Бектеши во Брисел оствари средби со еврокомесарите за економија и за трговија, Валдис Домбровскис и Паоло Џентилони со кои станало збор за перспективите за економско закрепнување на Северна Македонија и исплаќањето на следната транша помош од ЕУ. Министерот изјави дека неговите соговорници му потврдиле дека оваа втора транша ќе биде исплатена во наредниот месец, и го увериле дека очекувањата за ЕУ се дека економијата ќе закрепне во вториот дел од оваа година.
-Добра вест е дека во вториот дел од оваа година ќе закрепне економијата на ЕУ, имајќи предвид дека над 80 отсто од нашата економија и трговија се поврзани со нивната економија, тоа е добар знак за економијата на Северна Македонија, а ќе се покаже економски раст и од првиот квартал, бидејќи имаме дополнителни инвестиции и мерки, изјави Бектеши.
Еврокомесарите изразиле поддршка за реформите за олеснување на трговијата во Северна Македонија, рече министерот, кој овие три дена, исто така се сретна со амбасадорите на земјите членки на ЦЕФТА со која Северна Македонија моментално претседава.
На овие разговори станало збор и за зелените коридори чија цел е да се олесни трговијата во регионот.
-Очекуваме до Берлинскиот самит да се усвојат и спроведат неколку протоколи, за сертификатите за агенцијата за храна и ветеринарство, да се олесни трговијата со овошје, зеленчук и прехранбени производи, и сме во финална фаза тоа што го направивме со Република Србија да го направиме и со Република Албанија во делот на заедничките премини, објасни министерот за економија, додавајќи дека во тек е и предлогот за признавање на образованието на македонските граѓани кај соседите и обратно.
Една од клучните точки на разговор биле и рестрикциите за извоз на челик воведени од страна на ЕУ во 2018 после спорот со американската администрација, рестрикции кои се уште се на сила за да се заштити внатрешниот пазар на ЕУ.
Европската Комисија ги продолжи овие рестриктивни мерки до јуни оваа година. Министерот Бектеши вели дека го отворил прашањето со неговите соговорници во Брисел и побарал да се земе предвид Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу Северна Македонија и ЕУ за изземање од овие мерки.
-Навремено ќе не известат за нивната одлука кога ќе заврши истрагата, наша обврска е да бараме да бидеме изземени, но ако важи за сите трети страни тогаш ќе најдеме трети мерки, рече Бектеши како мерките од законот за финансиска поддршка за инвестииции и за зголемување на конкурентноста на некои сектори, а ако треба ќе им се даде помош на некои производители на челик да бидат конкурентни, а истовремено да не се соочат со намалување на приходите доколку се изгуби клучен пазар како Европската Унија.
Министерот за економија, исто така се осврна на законот за работа во недела за работниците во трговскиот и угостителскиот сектор.
-Угостителство ќе работи согласно законот за угостителство, а трговските центри и поединци ќе работат само една смена во недела, и сите тие вработени ќе добијат сто отсто дневница, рече министерот, додавајќи дека се во исчекување на коментари од засегантите страни и додаде дека е важно што соглансо законот за трговија трговските ентитети ќе работат само една смена од 10 до 6, и во угостителството ќе работат соглансо постоечко законско решение до 12 часот и во одредени периоди до 1 часот.
Тој исто така увери дека согласно законот за трговија ќе бидат лиценцирани сите компании што ќе работат во недела, а надзор ќе врши и инспекторатот за труд и пазарната инспекција во однос на исплаќањето на прекувременото работно време и условите.
-Ќе бидат пријавени и така ќе се врши контрола да се провери дали биле дополнително платени, објасни Бектеши.
Конечно во однос на злоупотребите на државната помош од страна на компании за време на кризата, министерот не можеше да го коментира предметот кој се процесуира се уште од страна на судските органи, но порача дека оние кои ја злоупотребиле помошта нема да можат да аплицираат за дополнителна поддршка од пакетите на Владата.