Толковниот речник на македонскиот јазик достапен електронски на новата платформа makedonski.gov.mk

Владата по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај ја промовираше интерактивната платформа makedonski.gov.mk, на која од денеска достапен во електронска верзија и бесплатен за користење е Tолковниот речник на македонскиот јазик (ТРМЈ) во шест тома и со над 100 000 зборови. Наскоро на платформата ќе биде поставен и Правописот на македонскиот јазик кој онлајн-верзија има од пред две години.

Авторите и редакцијата на ТРМЈ ги подготвија печатените 4200 страници за електронското издание, откако по предлог на Советот за македонски јазик и на барање на Институтот за македонски јазик, Владата одлучи трајно да ги откупи материјалните права на составувачите на овој значаен лексикографски труд.

Дигиталниот Толковен речник ќе им биде достапен на проучувачите на македонскиот јазик и на сите граѓани, вклучително и на дијаспората. Премиерот Зоран Заев на промоцијата, која беше организирана онлајн и од Спомен-собата на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик, ги охрабри лингвистите и сите македонисти во светот, како што рече, да го ползуваат отворениот ресурс на дигитализираниот Речник како изворник за создавање на многу други специјализирани речници.

– Како еден од врвните приоритети и во наредниот период е да го изградиме и постојано да го надградуваме корпусот на дигитализирани дела на македонски јазик, како база за неопходните статистички анализи, тестирања, проверка или потврдување на јазичните правила на македонскиот јазик, рече Заев, додавајќи дека платформата постојано ќе се ажурира и на тој начин ќе се негува јазикот и ќе се проучува подобро и побрзо од кога било претходно.

Тој соопшти дека во наредната фаза платформата ќе се надгради со можност за автоматизирано поврзување на сите кои сакаат да го користат Токловниот речник за развивање свои софтвери односно Владата ќе го стави дигиталниот материјал и кодот на ТРМЈ на располагање на истражувачите, компаниите и програмерите за да ккреираат корисни апликации.

– Токму вака се сака јазикот. Кога алатките за описменување и правилно користење на македонскиот јазик стануваат лесно достапни секому, покажувате грижа за јазикот. Кога овозможувате иднина прелу платформа, која ќе овозможи развој на јазикот, покажувате конкретен чекот за заштита на јазикот, рече Заев, додавајќи и дека Толковниот речник потврдува дека Македонците се народ со богата лексика, со долга јазична традиција и со лексичко наследство кое не може да се оспори.

За историјатот на македонскиот јазик се осврна претседателот Стево Пендаровски, кој е и покровител на „Годината на Конески“ – манифестацијата по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Тој нагласи дека Конески бил свесен оти македонскиот јазик и писменост имаат долг временски континуитет и дека процесот што го почнале преродбениците во 19 век, кулминирал со Крсте Петков Мисирков.

Според Пендаровски, генерацијата лингвисти на Конески е заслужна што македонскиот стана јазик во образованието, науката, уметноста кај нас, но и на многу универзитети во Европа и светот, и ги изгради најважните академски институции – Филолошкиот факултет, МАНУ и институтите за македонски јазик, македонска литетаура и за фолклор.

Генерацијата на Конески, рече шефот на државата, ги внесе македонскиот јазик и неговите дијалекти во општословенскиот и во европскиот лингвистички атлас – космополитска генерација која ја ширеше мрежата на македонисти во светот.

– Конески, како и Мисирков пред него, бил свесен дека јазикот ја дели судбината на народот што е негов носител. Македонскиот јазик му дава легитимитет на македонскиот идентитет и затоа Конески сметал дека нашето јазично прашање ние сами треба да го решаваме и никој нема право да ни се меша во тоа. Македонскиот јазик е наше приватно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија. Затоа и со последната статија, Конески нè потсетува на нашата обврска да го продолжиме делото на неговата генерација, вложувајќи во македонскиот јазик, истакна Пендаровски, додвајќи дека на тој начин ќе стоиме обединети во одбраната на македонскиот идентитет.

Раководителката на проектот и главен редактор на електронското издание на ТРМЈ, проф. д-р Снежана Велковска, на промоцијата истакна дека Толковниот речник е колективен труд и изработен од патриотски причини бидејќи единствено ние немавме ваков речник.  Вложиле голем напор да го приспособат материјалот за електронската верзија, а се соочиле и со кражба на материјалот кој бил поставен на интернет, а притоа, како што рече, никој не ги заштитил.

– Во светот вакви речници се прават на многу покуси периоди, а нам ни требаше повеќе од 40 години за да пристапиме кон една ваква задача, Речникот е отпечатен само во илјада примероци што е ништо кога се работи за издание како што е Толковниот речник. Луѓето почнаа да го користат и да го цитираат Дигиталниот речник, а нас да не забораваат, иако материјалот е наш, со сите наши грешки… За кусо време на подготовка на материјалот за електронското издание, додавме барем 20-ина нови лексеми кои од разни причини не беа внесени претходно, рече Велковска.

Таа појасни дека се работи за дескриптивен, македонско-макеоднски речник, во кој заглавните зборови се разработени на макеоднски јазик, во што, рече таа, е и неговото огромно значење за македонскиот народ.

– Тоа е најдобар одговор на сите напади – и однадвор, и одвнатре. Во споредбени анализи може точно да се види каков е карактерот на нашиот јазик, во што  е сличноста, а во што се раликуваме од другите, нагласи Велковска.

Директорката на Институтот, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, истакна дека Толковниот речник со децении ги сплотува нивните вработени, некои се веќе пензионирани, а сè уште посветени на големиот труд, и дека сето тоа е заокружено со добивањето на наградата за наука „Гоце Делчев“.

– Нема поголема сатисфакција за еден научник од неограничената достапност на животното дело. Преку Речникот созреавме, напредувавме, подостаревме, се докажавме. Денеска го подаруваме електронското на Толковниот речник на македонскиот јазик на македонската и на светската јавност. Сите заинтересирани ќе можат на еден клик и на едно место да ги отворат Толковниот речник и Правописот, рече Јованова-Грујовска.

Во оваа пригода таа соопшти дека се остваруваат нивните барања од пред две години, кога првпат беше одбележан Денот на македонскиот јазик –  веќе добиле исплата на минат труд, им се изедначуваат платите со професорите на УКИМ, со МОН е финализирана постапката за финансирање проекти, со Министерството за култура ИЈМ почнува дигитализација на картотеките, а дигитално се објавени повеќе изданија.

– Ни остана уште насушна потреба од научен подмладок. Да си дадеме задача на следниот 5 мај да се пофалиме со квалитетен подмладок, рече директорката на Институтот.