Коноли: НАТО е алијанса на безбедност и споделени вредности, а С Македонија е пример што треба да го следат останатите земји во регионот

НАТО е алијанса на безбедност, но и на споделени вредности, а Република Северна Македонија е пример што треба да го следат останатите земји во регионот.

Ова го истакна американскиот конгресмен и актуелен претседател на Парламентарното собрание на НАТО, Џералд Е. Коноли вчера за време на онлајн предавање пред студентите на Факултетот за политички науки при Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), и при тоа  го поздрави членството на Република Северна Македонија.

Како што соопшти Универзитетот Американ Колеџ Скопје, во периодот што претстои како клучни предизвици за САД и за земјите од НАТО конгресменот Коноли ги наведе: справувањето со нееднаквостите во општеството, растечката моќ на Кина и инвестирањето во истражување и развој, инфраструктура и образование.

Споделувајќи го своето гледиште за надлежностите на извршната и законодавната власт според американскиот Устав, тој истакна дека обврска на Конгресот е да ја задржи својата улога на контролор во процесот на донесување одлуки.

Студентите, се посочува, пројавија интерес за работата на конгресменот Коноли, особено во однос на актуелните случувања во САД за време на администрацијата на претседателот Бајден, но и за ангажманот на конгресменот Коноли како претседател на Парламентарното собрание на НАТО.

Џералд Е. Коноли го служи седмиот мандат во Претставничкиот дом на САД. Како висок член на Комитетот за надзор и реформи, претседател на Поткомитетот за владините активности и како член на Комитетот за надворешни работи, Џералд Коноли е добар познавач на прашањата од домашен и надворешно политички приоритет за САД. Тој беше избран за претседател на Парламентарното собрание на НАТО на 23 ноември 2020 година.

Северна Македонија на 27 март 2020 година стана 30-та полноправна членка на НАТО Алијансата со депонирањето на инструментот за пристапување во Стејт департментот во Вашингтон.