Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска одбележува 29 години од основањето, како светска асоцијација за заштита на правата на детето.
-Досега се направени многу промени во општеството во врска со состојбата на децата и несомнено е дека голем дел од тие промени започнуваат со рушењето на молкот поттикнато од Детската амбасада „Меѓаши“. Како што е познато, од самото основање се залагаме за почитување на детскиот интегритет преку заштита на детските права и интереси, воедно се грижиме за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето и развивање на волонтерскиот пристап во работата. Молкот оди во прилог на злоупотребите, затоа „Меѓаши“ низ годините постојано го руши тој молк за детските злоупотреби и детските страдања, се вели во денешното соопштение од Детската амбасада.
Оттаму посочуваат дека во 29-годишното работење се соочиле со многу кризни моменти, војни, природни непогоди и состојби во општеството каде децата биле жртви, но, дека последнава криза предизвикана од коронавирусот им донела многу предизвици.
-Пандемијата иако започната во другите земји во светот многу порано и иако Македонија имаше време да се спреми и посоодветно да одговори на неа, кога ни се случи бевме изненадени. Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ беше подготвена да реагира, да излезе на терен и да пружи поддршка, но, овојпат имавме невидлив непријател, последиците не беа веднаш видливи, незнаевме од каде доаѓа заканата, всушност бевме збунети и незнаевме како да одговориме на ваква криза. Најлесно воочлив проблем беше недостатокот на заштитна опрема за здравствените работници и решивме од таму да започнеме и со тоа да ги заштитиме децата кои веќе имаа здравствен проблем и лежеа на некоја од клиниките. Донирани беа заштитни маски КН95, оверал одела, мантили и специјални одела за директна работа со заболени од КОВИД-19 на повеќе клиники во Македонија, велат од Детската амбасада.
Од „Меѓаши“ истакнуваат дека следејки ја состојбата со пандемијата и несоодветниот третман, особено, како што нагласуваат, на најобесправените и социјално загрозени семејства се обиделе да ги ублажат последиците од пандемијата преку обезбедување училишен материјал и пакети хуманитарна помош.
-Потребно беше време за да ги разбереме и воочиме последиците кои произлегуваат или имаат потенцијал да произлезат од долгото трање на пандемијата, да ги надминуваме стравовите, да разбереме како бројните полициски часови, самоизолации, карантини, не одењето на училиште и социјалната дистанца ќе влијаат врз децата. Откако увидовме дека пандемијата ќе трае, пристапивме кон овозможување простор за децата каде ќе може да се изразат креативно и така ја формиравме платформата на Фејсбук и Инстаграм „Заедно дома“. Оваа платформа претставува/ше инспирација родителите да поминуваат квалитетно време со децата за време на пандемијата и да создаваат заеднички креативни и уметнички дела, се додава во соопштението.
Како и секоја претходна година така и изминатава, Детската амбасада „Меѓаши“ активно ги следеше политиките и случувањата на секое поле од интерес за децата и реагирале на сите политики кои не ги земаат предвидт децата и нивните права на соодветен начин.
-Брзите чекори кон осовременување на образованието и крупните грешки во спроведувањето на онлајн наставата без притоа да се посвети доволно време на следење на функционалноста на новиот начин на образование доведе до зголемување на и онака постоечките класни разлики кај децата. Голем број деца останаа долго време без уреди за следење на наставата, додека голем е бројот и на оние кои следат настава на телевизија, медиум кој не нуди никаква интеракција. Додека се зборува за целосна дигитализација на образованието и е-учебници се уште има деца кои немаат уреди и пристап на интернет, велат од „Меѓаши“.
Во рамките на програмата за Мировно образование со цел изнаоѓање различни начини за актуализирање на проблемот со насилството, зголемување на јавната свест и видливоста на проблемот поставeни биле постери на два автобуси од ЈСП, а во автобусите беа емитувани и видеа против сите видови врсничко насилство. Одражи биле и 52 вебинари на различни теми релевантни за мировното образование и обуки на кои учествуваа наставници од 12 средни училишта.
Во тек е и кампањата „ПОТТИКНИ МИР” – активности кои ќе ги промовираат вредностите како што се: еднаквоста, одговорноста, дијалогот, ненасилството, емпатијата, социјалната правда, односно ангажирајќи се на овие полиња, секој/а да даде свој придонес кон градењето мир и општествената промена. Во таа насока, оваа кампања се фокусира на човековите вредности и преземање акција, поттикнување промена на локално и индивидуално ниво.