Пендаровски: Подготвени сме веднаш да седнеме на маса со Бугарија

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, од Брисел порача дека земјата е подотвена веднаш повторно да седне на преговарачка маса со Бугарија за да се надмине билатералниот спор и да се отвори патот кон ЕУ,  јави дописничката на МИА од Брисел.
Претседателот денеска одржа средби со речиси сите највисоки челници во институциите на ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, шефот на дипломатијата на ЕУ Јосеп Борел, претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, и други.
На средбите, како што рече Пендаровски, најголем дел од разговорите биле посветени на спорот со Бугарија поради кој Северна Македонија не може да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ и покрај позитивната одлука за почеток на преговори донесена пред повеќе од една година во ЕУ.
Проблемот, според Пендаровски. е што изборите во Бугарија завршија без јасен победник и веројатно ќе има нови избори во јули, до тогаш ќе има само техничка влада која нема легитимитет да носи одлуки.
-Ние сме подготвени уште денес да се вратиме на масата, рече претседателот, но со познатите црвени линии во преговорите.
За него е неопходно сега да се идентификува соговорник од бугарска страна, без разлика дали станува збор за поединец, институција или влада.
-Зависи само од Бугарија, рече претседателот на државата.
Тој истакна дека на средбите во ЕУ станало збор и за реформскиот процес во Северна Македонија. Пендаровски укажал на напредокот во борбата против корупцијата, пресудите против високи функционери и процеси против припадници на владејачката партија. ЕУ сепак бара дополнителни напори во реформите, порача шефот на државата.
Конечно, Пендаровски се заблагодарил за помошта од ЕУ во испораката на вакцини преку Австрија која ќе започне од месец мај и се до август. Над 650 илјади вакцини на Фајзер треба да пристигнат за здравствените и есенцијалните работници во целиот регион.
За шефот на државата оваа помош во услови кога ниедна земја членка на ЕУ не постигнала повеќе од десет отсто целосна имунизација на своето население е знак дека ЕУ го третира Западниот Балкан како интегрален дел на своето семејство.