„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – декември 2017 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември, соопштија од компанијата, продажбите достигнуваат 6.932.176.270 денари, што е за осум отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.305.754.848 денари, бележи зголемување од околу осум отсто, единечната нето добивка изнесува 765.954.710 денари и таа е зголемена за девет отсто.
Во периодот јануари – декември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 9.094.716.094 денари, што е за 10 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за пет отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 13 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 38 отсто се остварени на домашен пазар, додека 62 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени седум отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто и на останатите пазари се остварени еден отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 202.665.540 денари што претставува зголемување за 13 пати и Унгарија со продажби од 31.452.936 денари што претставува зголемување за 3,5 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Романија раст од 60 отсто, Чешка раст од 22 отсто, Полска раст од 65 отсто, Словенија раст од 12 отсто, Хрватска раст од 13 отсто, Русија раст од 17 отсто, Украина раст од 208 отсто итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 16 отсто, антибиотиците со 14 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 15 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со три отсто, козметика со девет отсто и билкарство учествува со три отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.413.336.067 денари бележи раст од девет отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 809.277.171 денари е зголемена за 11 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2017 година изнесуваат 861.420.437 денари.
Во периодот јануари – декември 2017 година во Алкалоид се реализирани 143 нови вработувања во Република Македонија, информираат од компанијата.