Османи: Односите на Скопје и Приштина добар пример за регионот кој сè уште е соочен со бројни предизвици

Билатералната соработка, со фокус врз економијата и можностите за засилено инфраструктурно поврзување, беа теми на разговор на средбата во Приштина на министерот за надворешни работи, Бујар Османи  со косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала-Шварц, со која ја започна официјалната посета на Косово.

Како што соопшти МНР, на пленарните состаноци на двете делегации, беа реафирмирани исклучително добрите односи меѓу Северна Македонија и Косово, како и подготвеноста на двете страни за натамошно градење на блиско и трајно пријателство, во интерес на граѓаните на двете земји, но, како што истакна министерот Османи и како „добар пример за регионот кој сè уште е соочен со бројни предизвици“. 

-Косово и Северна Македонија имаат исклучително динамична трговска размена, но истовремено постојат и огромни потенцијали за зајакнување во делот на економијата, за што секако е потребна и инфраструктурна поддршка, порача Османи.

Осврт беше направен на соработката во ресорите образование и наука, култура, здравство и др.

Во рамки на насоченоста кон градење отворен дијалог со сите земји од регионот, како што соопшти МНР Османи ја пренесе поддршката на Северна Македонија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, како најдобар начин за надминување на разликите и изнаоѓање на трајно решение меѓу двете земји, во интерес на граѓаните и регионот како целина.

-Нашата заедничка амбиција, за полноправно членство на сите шест земји од Западниот Балкан, преставува единствената алтернатива која обезбедува долгорочна стабилност и просперитет, заклучи Османи, стои во соопштението.

Дипломатските активности на Османи во Приштина продолжуваат со средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, претседателот на Парламентот, Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти.