МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ И ТАТКОВИНАТА НА 25 АПРИЛ СЕМАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ПРОТЕСТ “ДЕМОКРАТИЈА ВО МАКЕДОНИЈА И СЛОБОДА ЗА УСТАВОБРАНИТЕЛИТЕ“!

По повод годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, Македонците во светот и татковината, македонските заедници и организации од Европа, Канада, САД и Австралија, единствени и обединети, на 25 април 2021 година (недела) во Скопје организираат мирен Семакедонски народен протест под слоганот “Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“

 

Семакедонскиот протест започнува со собирање на учесниците пред Владата од 11 часот. Маршот од Владата тргнува во 12 часот, а оттаму ќе се движи по булевар “Даме Груев“, Булевар “Димитрие Чуповски“, Булевар “11 Октомври“, до Собранието на Македонија. Семакедонскиот протест пред Собранието ќе трае најмногу до 15 часот.

 

На Семакедонскиот протест ќе биде интонирана националната химна “Денес над Македонија“ и ќе се прочитаат Поздравно писмо од Македонците во светот и Декларација за слобода на уставобранителите која ќе биде доставена до: Претседателот, Собранието и Владата на Македонија; политичките партии, здруженијата на граѓани и верските заедници во Македонија; македонските заедници и организации во светот; Обединетите Нации; Советот на Европа; Европската Унија; НАТО; ОБСЕ; и странските амбасади и мисии во Македонија.

 

Организаторите на Семакедонскиот протест ги канат сите Македонци по род и државјанство, сите политички партии и здруженија на граѓани на масовно учество, без партиски знамиња и обележја на здруженијата.

 

Организаторите на Семакедонскиот протест апелираат до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, носење маски и на пропишана дистанца, како и на почитување на неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите. Организаторите се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа.