Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи, оствари телефонски разговор со неговиот украински колега, министерот за надворешни работи Дмитро Кулеб,а по повод 26 – годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави.
Како што соопшти МНР, двајцата министри се согласија дека Република Северна Македонија и Украина споделуваат заедничка визија за стабилна, обединета и просперитетна Европа. Во таа смисла, реафирмирајќи ја заемно приврзаноста кон европските принципи и вредности, министрите се осврнаа на европските и евроатланските интеграции на Република Северна Македонија и Украина, како и на можностите за натамошно унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка.
Воедно, стана збор, се наведува, и за актуелните состојби во источна Украина. При тоа министерот Османи ја реафирмираше јасната и недвосмислена поддршка на територијалниот интегритет на Украина, истакнувајќи при тоа дека Северна Македонија поддржува целосна имплементација на договорите од Минск во согласност со напорите на Трилатералната контакт група и политичкиот процес на Нормандискиот формат врз основа на принципите и заложбите на ОБСЕ, стои во соопштението.