Папајоану: Особено е важно да остане на маса европската перспектива на Западен Балкан

За нас, особено важно е европската перспектива на земјите од Западен Балкан да остане на маса во Европската унија, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану на денешниот брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Папајоану објасни дека, доколку денешниот состанок на на шефовите на дипломатиите на ЕУ беше со физичко присуство, а не преку видеоконференција, било планирано да се одржи работен појадок во организација на Грција, со учество на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Албанија, а потоа да следи и стратешки разговор на ниво на ЕУ за Западен Балкан, нешто што веројатно ќе се одржи во мај, на следниот совет за надворешни работи.

Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на најавата од Белград пред две седмици, по средбата на шефовите на српската и грчката дипломатија за одржување трилатерална средба Грција- Северна Македонија- Србија на Крф, портпаролот на грчкото МНР рече дека засега нема одреден датум за одржување, но е нешто кое е започнато и изрази надеж дека ќе биде што е можно поскоро, секако во зависност и од условите наметнати од пандемијата.

За написите во медиумите за наводниот нон пејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша, Папајоану, на прашањето на дописничката на МИА, рече дека нема да го коментира и ги повтори позициите на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас изразени како при посетите на Сараево и Белград, така и на средбата со неговиот хрватски колега, дека Грција поддржува стабилност на Босна и Херцеговина, како и европската перспектива на земјата.