Собранието едногласно, со гласовите на мнозинството и опозицијата, ги донесе законите од петтиот пакет економски мерки. Во Собранието присуствуваа и двајца пратеници позитивни на Ковид-19 облечени во скафандери, кои од посебни кабини учествуваа во работатат на законодавниот дом. „За“ мерките гласаа 113 пратеници, вклучувајќи ја и опозицијата, како и двајцата пратеници од мнозинството, кои гласаа од посебната просторија.
За нивното присуство реагираа координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратеникот од Левица Димитар Апасиев, кои забележаа дека со присуството на пратениците позитивни на Ковид-19, се кршат прописите предвидени за заштита на здравјето на граѓаните за време на епидемија и се загрозува безбедноста на другите присутни во законодавниот дом.
Мицевски рече дека постои законска регулатива, која важи за сите граѓани, во која што спаѓаат и пратениците.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека присуството на пратениците позитивни на Ковид-19 е овозможено согласно протоколот за работа на Парламентот за време на пандемија, односно со дополнување на протоколот.
-Добив дополнување на Протоколот за Ковид-19, според кое, пратениците можат да ја вршат својата функција под одредени услови. Оваа сала овозможува простории во кои изолирано пратениците можат да влезат и излезат од Собранието без да имаат контакт со другите, е процедурата која е обезбедена, рече Џафери.
Мицевски забележа дека не може подзаконски акт да биде повисок од Уставот.
-Вие ги кршите законите. Вие сте предмет на кривична одговорност. И не само вие туку и вработените во МВР кои дозволија во Собранието да шетаат лица позитивни на Ковид-19, кои треба да се во изолација, рече Мицевски.
Пратениците едногласно го донесоа Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, за месеците февруари и март 2021 година, по скратена постапка, потоа Закон за финансиска поддршка на работодавците погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година, по скратена постапка. Собранието го донесе и Предлог на закон за изменување на Законот за данокот на личен доход, по скратена постапка.
Инаку, Владата ја повлече Предлог на одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради заштита од илегална миграција и заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за коронавирусот Ковид-19 и спречување од негово ширење и заради висок ризик и зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија.
Претходно, пратениците ги изгласаа и 21 точка од 32. седница, меѓу кои и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.