Рама: Бугарија ја блокира Северна Македонија за свои интереси

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Бугарија го блокирала процесот на евроинтеграција на Северна Македонија за свои интереси.

Ваква оценка тој изнел гостувајќи во телевизиска емисија кога зборувал за очекувањата на меѓувладината конференција.

– Погледнете што се случува сега, во моментот кога нештата се готови, туп излегува Бугарија и ја блокира Македонија таму. Зошто Бугарија ја блокира Македонија? А? Ја блокира за свои интереси. Ја блокира заради своја внатрешна динамика таму и ја држи Македонија во заложништво. И, сега, ќе видите што ќе се случи, друга држава, која не затоа што не ја сака Македонија или не нè сака нас, туку затоа што нивниот народ не го сака тоа проширување, другите не сакаат, изјавил Рама во интервју за „Визион плус“, пренесуваат медиумите.

Но, Рама оди понатаму, велејќи дека доколку Швајцарија го имаше името Албанија или Северна Македонија и нејзе ли ќе и беше кажано: „не можете да влезете побрзо“

-Ако Швајцарија е именувана како Албанија или Северна Македонија и доколку сè што има Швајцарија донесе тука, сè, но вие сте Албанија и Северна Македонија, не можете да влезете побрзо, изјавил Рама.

Рама вели дека постои на мапа во врска со промената на границите на земјите од регионот на Западен Балкан. Тој изјавил дека мапата ја видел и претходно и оти му ја покажал неговиот словенечки колега Јанез Јанша.

-Разговарав со него одамна. Го видов и овој документ што излезе. Немам коментар, додал Рама.