Портпаролот на грчката Влада, говорејќи за грчката телевизија „Алфа“, порача дека грчките позиции и предуслови се јасни, а соседната земја е таа што треба да покаже волја и расположение за договор, а во спротивно нема да има решение.
– Ние имаме кажано кои се предусловите за да се постигне решение. Оттука, доколку нашите соседи имаат расположение и волја да одиме напред, да се насочиме кон едно заемно прифатливо решение, ние сме отворени и го имаме покажано тоа, ако не, нема да има решение, рече Димитрис Ѕанакопулос, одговарајќи на прашање за ставовите на македонскиот премиер во вчерашните интервјуа за „Шпигел“ и „Еуроњуз“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, токму за ставовите на Заев, пишува и весникот „Катимерини“. Освен што ги пренесува изјавите на премиерот во однос на Уставот, идентитетот и ерга омнес, новинарот вели дека овие позиции предизвикале незадоволство кај Атина.
– Низата изјави од власта во соседната земја и пречеа на Атина, каде што, продолжува регуларно, планирањето за заминувањето на МНР Никос Коѕијас во Скопје, во следните денови. – пишува „Катимерини“.
Весникот го пренесува и ставот на грчки дипломатски извори, истото она што го објави „Еуроњуз“, заедно со интервјуто, а го пренесе МИА утрово дека „Атина се прашува која е намерата на јавните споменувања од Скопје на прашањата за кои што се преговара“.