Транспарентноста и отчетноста на Владата и определеноста кон независни и професионални медиуми биле тема на разговор на министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски со италијанскиот амбасадор Карло Ромео.
Од владината прес-служба информираа дека амбасадорот Ромео ја поздравил транспарентноста и отчетноста на Владата и изразил подготвеност за помош и поддршка во делот на споделувањата искуства околу отчетноста кон јавноста и условите за професионално, независно функционирање на медиумите.
Министерот Поповски објаснил дека е поставен транспарентен и отчетен систем на информирање на медиумите и јавноста за прашањата од јавен, општествен и граѓански интерес и изразил очекување дека ќе имаат поддршка од опозицијата за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
– На граѓаните им ветивме отчетно и транспарентно работење на Владата. Исто така, се обврзавме и на создавање услови за независно и професионално работење на МРТВ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на сите медиуми во Македонија и измените на Законот се во таа насока. Очекувам да имаме поддршка и разбирање и од опозицијата за измените на Законот што се испратени веќе во Собранието, со оглед дека промените во медиумската сфера се меѓу клучните забелешки во двата извештаја на Рајнхард Прибе, како и обврска од Договорот во Пржино, рекол Поповски на средбата.