Преку проект на ЕУ ќе се работи на задржување на младите во руралните средин

Градење на капацитетите на младите со цел да станат фактор во креирањето на локалните политики за развој е целта на проектот „Младите од руралните средини за интеграција на Македонија во ЕУ“.

Проектот кој беше промовиран денеска во Скопје е финансиран со средства од ЕУ, а го спроведуваат четири организации. Лидер на проектот е Подружницата во Македонија на Организацијата за поврзување природни вредности и луѓе (CNVP) со седиште во Хаг, Холандија, а го спроведуваат во партнерство со Мрежата за рурален развој на Македонија и уште две мрежни организации од Србија и од Хрватска.

Како што истакна Сашо Петровски од CNVP, проектот се фокусира на младите од Источниот и југоисточниот плански регион во Македонија каде што ќе се обидат да ги анимираат младите и граѓанските организации што работат со младите да ги зајакнат нивните капацитети за младински активизам, градење на кариера и да ги оспособат за влијание во носењето политики на локално ниво.

– Преку проектот ќе се овозможи запознавање со искуствата на слични организации од Србија и од Хрватска и нивна примена, а со цел да донесеме промена во деловите од Македонија каде што ефектите од депопулацијата и напуштање на младите се и најголеми. Ако овој модел на работа со младите покаже резултат и успех, постои опција понатаму да се пресликува, вели Петровски.

Петар Георгиевски од Мрежата за рурален развој на Македонија, која брои преку 83 организации – членки со најразлични области на делување, вели дека секојдневната миграција на младите од селото во урбаните центри па и надвор од државата е сериозен проблем. Преку овој проект, додаде, ќе се обидат да ги адресираат потребите на овие млади на повисоко ниво и да им помогнат што побрзо да се доближат до изворите на идеи и иницијативи, како и до финансиски средства за да ги реализираат нивните потреби.

– Нашата цел е да се задржат младите во овие средини, да не мигрираат во урбаните центри, бидејќи Македонија е претежно рурална земја со неискористени ресурси, посочува Георгиевски.

Тој додаде дека една од мерките за постигнување поголема вклученост на младите во креирање на локалните политики за развој е и т.н. лидер мерка која се спроведува преку ИПАРД и МЗШВ.

Игор Стаиќ од Националната мрежа за рурален развој на Србија рече дека во проектот ќе донесат дел од нивното големо искуство со успешни примери на работа со младите.

Проектот ќе трае 18 месеци и треба да финишира во јуни 2019 година.